Во Сингапур извршено трето погубување за нешто повеќе од една недела

Сингапур погуби 39-годишен маж осуден за трговија со хероин. Ова е трето бесење по ред за нешто повеќе од една недела. Мохамед Шалех Адул Латиф беше осуден на смрт за поседување приближно 55 грама хероин „наменет за продажба“ во 2019 година, пренесува Данас.

Од Централното биро за наркотици соопштија дека казната е извршена денеска. Според судските документи, Мохамед Шалех пред апсењето во 2016 година работел како доставувач. За време на судењето тој тврдеше дека верувал дека доставува шверцувани цигари за пријател на кој му должи пари.

Со ова, тој стана 16-тиот затвореник осуден на смрт откако владата продолжи со егзекуциите во март 2022 година, по двегодишна пауза за време на пандемијата со коронавирусот. Егзекуцијата, односно петтото бесење оваа година, доаѓа помалку од една недела откако Сингапур ја погуби првата жена по речиси 20 години поради трговија со дрога.

45-годишната Саридеви Џамани беше погубена во петокот поради поседување на околу 30 грама хероин. Два дена претходно беше обесен и 57-годишниот Мохд Азиз бин Хусеин поради поседување околу 50 грама хероин.

Обединетите нации го осудија бесењето и го повикаа Сингапур да воведе мораториум на смртната казна.

И покрај зголемениот меѓународен притисок за ова прашање, Сингапур инсистира на тоа дека смртната казна е ефикасна за спречувањето на трговијата со дрога. Богатиот финансиски центар ги има некои од најстрогите закони против дрогата во светот. Продажбата на повеќе од 500 грама канабис или повеќе од 15 грама хероин може да резултира со смртна казна.

Сингапур егзекутираше жена за првпат по скоро дваесет години