„Дистописки свет“: Сингапурските патролни роботи влеваат страв од надгледување

Сингапур експериментира со патролни роботи кои ги алармираат граѓаните за „непосакувано јавно однесување“, пренесува „Гардијан“.

Роботите се само дел од арсеналот на надзорна технологија кој го поседува државата. Токму ваквата надзорна технологија влева страв од надгледување кај локалците.

Од големиот број на надзорните камери, до технологијата за препознавање на лицето, Сингапур употребува премногу уреди за да ги набљудува своите жители.

Мерките за надзор вклучуваа и тринеделно експериментално користење на два патролни роботи кои ги нагледуваа населбите и трговските центри.

Властите долго време се обидуваат да ја реализираат визијата за технолошки и хипер-ефикасна „паметна нација“, но активистите велат дека се жртвува приватноста, па луѓето немаат контрола врз своите податоци.

Моментално, Сингапур е критикуван поради заобиколување на граѓанските слободи, а жителите кои веќе и се навикнати на чести контроли, се жалат поради технологијата.

Најновите алатки за набљудување кои се воведени од властите се роботи на тркала, кои имаат седум камери и ги алармираат жителите за „непосакувано јавно однесување“. За непосакувано однесување се смета пушење цигари во забранети реони, неправилно паркирање на велосипеди, како и прекршување на мерките против коронавирусот.

Во една од скорешните патроли, еден од роботите застанал пред група пензионери кои гледале меч во шах.

„Ве молам одржувајте растојание од еден метар, а не се групирајте во групи со повеќе од пет лица“, наредил роботот, а камерата на неговата глава се вперила накај пензионерите.

Френи Тео, која работи како истражувачка и има 34 години, се пресретнала со еден од роботите додека се шетала во трговски центар.

„Ме потсетува на „Робокап“ но и на некој дистописки свет со роботи. Малку се двоумам околу целиот концепт“, изјавила таа.

Активистката за безбедна дигитализација Ли Џи Тинг, изјавила дека уредите носат нов вид на набљудување.

„Сè се сведува на свеста на луѓето. Потребата да се набљудува што тие велат и прават жителите е многу поголема во Сингапур отколку во другите земји“, изјавила таа за француски медиум.

Но, властите ја бранат употребата на роботите и велат дека тие не се користат за идентификување на граѓаните или преземање на акција против прекршителите.

Моментално, островот кој има 5.5 милиони жители има 90.000 полициски камери, број што се очекува дупло да се зголеми до 2030 година, а технологијата за препознавање можно е да биде инсталирана на уличните светилки ширум светот.