Израел отсега нуди две опции за карантин – од дома со електронска нараквица или во државен хотел

Израелските пратеници го изгласаа предлог-законот со кој луѓето кои влегуваат во земјата ќе може да носат електронска нараквица за следење додека се дома, за да се осигурат дека се почитуваат мерките за карантин.

„Секој што влегува во Израел, или секој што ќе пристигне од одредени земји и е должен да биде во карантин, ќе треба да се изолира дома со електронски уред за следење, за да се осигураме дека лицето останува во изолација за време на траењето на задолжителниот карантин“, соопшти израелскиот парламент.

Кога ќе пристигнат патниците на аеродромот Бен Гурион, во близина на Тел Авив, ќе бидат тестирани за коронавирус, се вели во соопштението. Доколку добијат негативен тест, тие ќе имаат можност да носат електронска нараквица за следење или карантин во државен хотел.

Нараквицата ќе ја следи локацијата на корисникот преку Bluetooth и GPS технологија и ќе се поврзе со нивниот мобилен телефон. Мониторот на нараквицата ќе ги извести властите доколку луѓето го прекршат задолжителниот период на изолација.

Доколку патниците покажат доказ дека биле вакцинирани за Ковид-19 или дека веќе се опоравиле од вирусот, тие ќе бидат ослободени од карантин откако ќе бидат подложени на серолошки тест.

Во законот се наведува дека за нараквиците за следење е надлежна приватната компанија Суперком, која ќе ги информира властите доколку некое лице ги прекрши карантинските мерки на земјата.

Усвојувањето на законот доаѓа кратко откако Израел спроведе пилот-програма со нараквици за електронско следење. На почетокот на овој месец, во програмата учествуваа 100 патници кои пристигнаа на аеродромот Бен Гурион, кои добија нараквици. Пилот програмата беше спроведена како опција наместо да се изолираат патниците две недели во државен хотел.