Израел ги врати маските во затворен простор поради растот на нови случаи со Ковид-19

Во Израел повторно се воведе задолжително носење маски во затворен простор поради растот на нови случаи на заразени со коронавирусот после нецели две недели откако ги укина сите мерки.

Загриженоста порасна откако во земјата беа регистрирани повеќе од 100 нови дневни случаи два дена по ред. Најголемиот дел од новите случаи се поврзани со Делта сојот на вирусот.

Израел е една од најуспешните држави во светот во справување со пандемијата. Најбрзо ја имплементираше масовната имунизација со која повеќе од половина од нејзините 9,3 милиони жители се делумно или целосно вакцинирани.

Сепак вчера, 10 дена по укинување на заштитните мерки, здравствените власти наредија повторно воведување на носење маски во затворен простор.

„Имаме удвојување секои неколку дена. Друга загрижувачка работа е што инфекциите се шират“, рекол Нахман Еш, првиот човек на телото кое ги носи одлуките поврзани со справувањето со коронавирусот во Израел.

Истовремено Израел за еден месец го одложи отворањето на земјата за вакцинирани туристи.

По почетокот на пандемијата кон крајот на 2019 година Израел беше една од најпогодените земји во светот со регистрирани 60.000 заразени лица неделно во пикот во јануари. Во земјата беа воведени три карантини и најпосле достигнаа драматично намалување на случаите со почетокот на вакцинацијата. Повеќе од 6.400 луѓе починаа од вирусот во земјата.