Ограничување на цените за ковид лекување во приватните болници, најавува Филипче

Главниот кризен штаб донел одлука да се направи измена во Законот за здравствена заштита, со која на приватните болници ќе им се ограничи висината на наплата за лекување на пациенти заразени со Ковид-19, за времетраење на криза или вонредна состојба, соопшти денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тој посочи дека го слушнале апелот на граѓаните и додаде дека има потреба да се користи тој болнички капацитет. Оттука, најави дека утре до Владата ќе поднесат предлог-измени на Законот за здравствена заштита.

Во однос на цените за лекување од Ковид-19 во приватните болници кои достигнуваат до неколку илјади евра, министерот Филипче пред неколку дена истакна дека државата нема формално-правен механизам за да им наложи на приватните болници да ги намалат цените.

Но, тој истакна дека разговарал со директорите на три приватни клиники и соопшти дека добил позитивен одговор само од клиниката „Жан Митрев“, кои ја намалија цената за лекување од 12.000 на 6.000 евра.

Исто така, на денешната прес-конференција, Филипче најави дека денеска треба да пристигне донација од 2.000 вакцини против Ковид-19 од Кина.

Во меѓувреме, во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, тече процесот на вакцинација со руската вакцина „Спутник“, но и вакцинацијата на лица над 60 години со вакцината на „АстраЗенека“.