Нов Зеланд ги отвори границите за странци по две и пол години

Нов Зеланд денеска ги отвори своите граници за странските посетители, за првпат по затворањето во март 2020 година поради пандемијата со коронавирусот, пренесува Ал Џазира Балканс. Границите на Нов Зеланд беа повторно отворени во февруари, но прво за Новозеланѓаните, а ограничувањата постепено беа ублажени.

Процесот на повторно отворање на границите заврши во неделата навечер, а на посетителите на кои им беше потребна виза и на оние со студентски визи сега им беше дозволен влез во земјата.

Нов Зеланд, исто така, сега им дозволува на бродовите за крстарење и странските јахти да се закотвуваат на пристаништата.

Сепак, посетителите мора да бидат вакцинирани против коронавирус и да се тестираат најмалку двапати по пристигнувањето во земјата.

Премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн на Кинескиот бизнис самит во Окленд изјави дека завршувањето на постепеното отворање на границите е огромен успех.

„Тоа беше постепен и внимателен процес од наша страна од февруари, додека ние, заедно со остатокот од светот, продолжуваме да управуваме со многу жива глобална пандемија, истовремено чувајќи ги нашите луѓе“, рече Ардерн.

Странските студенти значително придонесуваат за економијата на Нов Зеланд, а образовниот сектор се надева дека ќе искористи од отворањето на границите. Министерот за туризам Стјуарт Неш пак, рече дека враќањето на бродовите кои крстарат исто така ќе биде поттик за локалните индустрии.