Големиот Брат во Белорусија – Тајните служби добија неограничен пристап до онлајн податоците на граѓаните

Во текот на 28 години репресивна власт на Алексанар Лукашенко, Белорусите кои му се спротивставуваа или го критикуваа можеа да се чувствуваат релативно безбедни кога тоа го правеа во рамките на своите домови. Но, сега, тоа може да се промени, предупредуваат експертите за право и дигитализација, особено ако тие користат апликации кои користат ГПС, платформи за онлајн состаноци или виртуелни асистенти кои се контролираат преку глас.

Лукашенко минатата недела потпиша декрет со кој се бара телекомуникациските оператори и сопствениците на вебсајтови да се конектираат на нов, државен систем, кој ќе овозможува на белоруските тајни служби (КГБ) да ја надгледуваат речиси целокупната онлајн активност.

Декретот беше донесен откако минатата година преку закон им беа овозможени неограничени овластувања на државните безбедносни агенции за следење на дигиталните отпечатоци на граѓаните, меѓу кои и домашните смарт-уреди, но немаше утврдено механизми како тоа ќе се спроведува.

„Доколку следењето низ интернет ресурсите и базите на податоци претходно изгледаше како можна закана, сега е јасно како тоа сакаат да го направат во пракса“, соопштија од „Нетобсерваторија“ и „Za BYnet“ две организации кои ги мониторираат онлајн слободите во Белорусија.

Онлајн упадот од државата нема да стапи на сила веднаш, бидејќи системот се` уште не е комплетиран, и на компаниите ќе им треба време и пари за да го инсталираат, додаваат експертите. Во декретот се потенцира и дека сајтовите и другите интернет сервиси кои би одбиле да соработуваат можат да добијат забрана за работа.

Теоретски, овластувањето за пристап до онлајн отпечатоците може да биде дозволен само како дел од активна истрага, но експертите велат дека не постои некој кој ќе ги контролира постапките на тајните служби.

Заедно со законот од 2021 година, новиот декрет дозволува КГБ да пристапува до информации кои интернет провајдерите, вебсајтовите и базите на податоци ги чуваат за корисниците. Информации од страниците кои тие ги посетуваат и пораките кои ги објавуваат на форумите, па се` до нивната активност во онлајн банкарските сервиси или на апликациите за состаноци.

Овој претседателски декрет претставува последно прекршување на слободите и човековите права откако десетици илјади Белоруси излегоа на улиците и ја оспорија победата на Лукашенко на претседателските избори во август 2020 година, гласање кое, според граѓаните, било масовен фалсификат.