Евростат: 80% од возрасните во ЕУ секојдневно користат интернет

Бројот на возрасни лица во Европската Унија (ЕУ) кои секојдневно користат интернет е значително зголемен во последните пет години, а податоците на Евростат покажуваат дека во текот на 2020 година, дури 80 отсто од возрасните активно користеле интернет, пренесува „Данас“.

Повеќето од северните и западните региони на ЕУ пријавија висок процент на возрасни кои во текот на 2020 година секојдневно користеле интернет, што вклучува лица меѓу 16 и 74-годишна возраст.

Просечниот број луѓе кои користеле интернет секојдневно во 2015 година бил 65%, додека во 2020 година бил 80%, што јасно покажува дека вкупната употреба на интернетот е зголемена за 15% во последните пет години.

Најголем удел од возрасните што користат интернет секојдневно е забележан во регионот Усима во Финска, дури 96%, па потоа Ховедстаден во Данска и Стокхолм во Шведска, каде што употребата на интернетот е 95 проценти.

Од друга страна, најмалиот удел на возрасни кои користат интернет секојдневно е забележан во северозападниот дел на Бугарија, каде дневната употреба на интернет е 53%, а по Бугарија доаѓа Романија со 55 проценти.

Податоците за секојдневна употреба на интернет се однесуваат на последните три месеци пред истражувањето, односно првиот квартал од 2020 година.