Белорусија забранува увоз од Македонија на одредени прехранбени производи

Белорусија на 1 јануари ќе воведе ембарго за голем број прехранбени производи од повеќе земји меѓу кои и Македонија, како и земјите членки на Европската Унија, САД, Канада, Норвешка, Албанија, Исланд, Обединетото Кралство, Северна Ирска, Црна Гора и Швајцарија, јави државната новинска агенција „Белта“.

Според изворите на „Белта“, Владата презела мерки како одговор на, како што велат, континуираните обиди на западот да спроведува санкции за да изврши притисок врз земјата. Само во периодот од јануари до октомври годинава, Белорусија увезла храна и прехранбени производи во вредност од над 530 милиони долари од таквите земји.

Списокот на забранети стоки меѓудругото вклучува говедско месо, свинско месо, колбаси, млеко и млечни производи, зеленчук и овошје и јаткасти производи.

Како што јавува „Белта“, Белорусија го задржува правото да ја прошири листата на забранети стоки доколку пак се преземат, како што додаваат, деструктивни акции против земјата.

Инаку, Македонија претходно се приклучи на санкциите на Европската Унија против Белорусија.