Белорускиот опозициски лидер Сергеј Тихановски осуден на 18 години затвор

Судот во Белорусија го осуди лидерот на опозицијата Сергеј Тихановски на 18-годишна затворска казна, откако минатата година го поттикна протестното движење против авторитарниот лидер Александар Лукашенко, јавува „Ал Џазира“.

По едномесечното судење зад затворени врати во притворскиот центар во градот Гомел, судот го прогласи Тихановски за виновен за „организирање немири и поттикнување социјална омраза“, меѓу другите обвиненија.

Неговата сопруга, Светлана Тихановскаја која беше противкандидатка на Александар Лукашенко на последните претседателски избори ја осуди пресудата.

„Диктаторот јавно им се одмаздува на своите најсилни противници. Додека ги крие политичките затвореници во затворени судења, тој се надева дека ќе продолжи со репресијата во тишина. Но, целиот свет гледа. Нема да застанеме“, напиша таа.

Покрај Тихановски, денеска на затворски казни од 14 до 16 години се осудени уште петмина други опозиционери обвинети за организирање нереди.

На протестите кои започнаа минатата година, веднаш по претседателските избори за кои опозицијата тврдеше дека се наместени беа уапсени илјадници луѓе.