Белоруски суд забрани спортски веб-портал и го означи како „екстремистички“

Суд во Белорусија забрани популарен спортски веб-портал и го означи како „екстремистички“, додека во земјата се одвива засилена акција од властите против медиумите и граѓанското општество, јавува „Радио Слободна Европа“.

Министерството за внатрешни работи на 6 август соопшти дека порталот „Трибуна“ и нивните канали на социјалните мрежи се забранети затоа што администраторите објавиле „материјали кои повикуваат на екстремистичка активност“.

Луѓето кои споделуваат содржини од веб-порталот пак, може да наидат на парични или затворски казни, посочија од министерството.

Пристапот до порталот во Белорусија беше блокиран минатата година, во пресрет на претседателските избори во август кои на претседателот Александар Лукашенко му донесоа уште еден, шести по ред мандат на функцијата.

Создавачот на порталот Дмитри Навоша е гласен поддржувач на про-демократското протестно движење кое го оспорува владеењето на Лукашенко, а исто така е и основач на рускиот веб-порталот „Спортс“.

По одлуката, Навоша на Твитер соопшти дека неговите веб-страници ќе продолжат со својата работа.

„Генерално, избегнувајте да читате ресурси кои не се означени како екстремистички. Ова, се разбира, сега е знак за квалитет“, напиша тој.