Белорусија присилно приземји авион за да уапси критички новинар

Авион на „Рајанер“ кој летал од Грција за Литванија, вчера бил принуден да слета во Минск на барање на белоруските власти, со цел да биде уапсен критичкиот блогер и новинар, Роман Проташевич.

26-годишниот новинар работеше за полскиот онлајн медиум Некста, кој пренесуваше снимки од масовните протести против белорускиот претседател Александар Лукашенко преку апликацијата Телеграм во периодот кога странските медиуму имаа ограничен пристап да следат што се случува во земјата.

Проташевич е обвинет во Белорусија за организирање на протестите и поттикнување на намири, обвинувања кои тој ги отфрла како неточни.

„Овде се соочувам со смртна казна“, наводно му рекол Проташевич на еден од сопатниците на летот пред да биде приведен од белоруската полиција.

Авионот на релација Атина – Вилнус се наоѓал во воздушниот простор на Белорусија и пред да влезе во Литванија пилотот бил принуден да го смени правецот, по информации од белоруските власти дека леталото содржи експлозив, иако по слетувањето ништо не било пронајдено во авионот. Според податоци од сајтот „flightradar24.com“ авионот бил пренасочен само две минути пред да влезе во литванскиот воздушен простор. По приземјување од 7 часа во Минск, авионот конечно повторно полетал и безбедно слетал во Литванија.

Според белоруските медиуми Лукашенко лично наредил приземјување на авионот, а леталото било следено од белоруски воен авион.

Западните власти овој инцидент го карактеризираа како киднапирање.

Литванија, каде Проташевич престојува, побара од Европската Унија и НАТО да одговорат на овој инцидент.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека инцидентот е „сериозен и опасен“ и дека е потребна меѓународна истрага, додека претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон Дер Лајен на Твитер побара Проташевич веднаш да биде ослободен и дека „одговорните за киднапирањето на Рајанер авионот мора да бидат казнети“.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки го осуди инцидентот нарекувајќи го „акт на државен тероризам“, додека американскиот државен секретар, Ентони Блинкен, соопшти дека САД упатуваат силна осуда за принудното пренасочување на авионот и побараа итно ослободување на Проташевич.

Летонија и Литванија соопштија дека воздушниот простор над Белорусија треба да се смета за несигурен, а дел од тамошните власти побараа тој да биде затворен за сите меѓународни летови.

По реизборот на Лукашенко на оспорените претседателски избори во август минатата година, во Белорусија започнаа масовни протести поради сомнежи за фалсификат, како и поради авторитарната власт во земјата. Властите активно се обидуваа да го задушат ова јавно незадоволство, при што илјадници луѓе беа уапсени, меѓу кои и многу новинари.