Поднесена тужба за тортура против белорускиот претседател Александар Лукашенко

Десет противници на режимот на белорускиот претседател Александар Лукашенко поднесоа жалба во Германија поради наводни дела на тортура извршени од режимот, објави денеска германското федерално обвинителство, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Тужбата е поднесена поради полициската репресија иницирана од режимот во летото минатата година, по реизборот на Лукашенко, наведува агенцијата „Франс прес“.

Постапувајќи во име на „жртвите на тортурата“, адвокатите изјавија дека поднеле тужба до федералното обвинителство во германскиот град Карлсруе против Лукашенко и „други белоруски функционери од секторот за безбедност“.

Адвокатите нагласија дека ниту Лукашенко, ниту други функционери не се соочуваат со правни последици поради прекумерна употреба на сила и тортура врз граѓани уапсени во земјата.

Тие се повикуваат на делото „државна тортура“, кое може да биде предмет за кривично гонење од германското правосудство, во рамките на универзалната надлежност за злосторства против човештвото и системска политика на репресија.

Делата на наводната тортура се однесуваат на, како што е наведено во тужбата, „неосновано апсење, мачење и злоставување за време на притворот… физичко насилство, понижување, закани и навреди“.

Во жалбата се наведуваат случаи на лишување од сон, храна, медицинска заштита, па дури и претепување.

Лукашенко е на чело на Белорусија од 1994 година, а од август минатата година се соочи со масовни протести по изборите, кои не се признаени од опозицијата и западните земји.

Протестите траеја со месеци и покрај напорите на Владата да ги угуши со апсење и репресија. За време на демонстрациите беа уапсени повеќе од 33.000 луѓе, додека многумина беа претепани од страна на полицијата.