Одржана онлајн дебата „Дигитализацијата и средношколците“ – повеќе слобода и можности

Постојано истражување и следење на навиките и потребите на средношколците, инклузивни и поефикасни дигитални решенија – ова беа дел од заклучоците на онлајн дебатата „Дигитална трансформација на образованието“, со фокус на средното образование или „Дигитализацијата и средношколците“.

Дебатата беше во организација на Советот за дигитална трансформација (СДТ) при Институтот Хајделберг, Сојузот на средношколци на РСМ и Американските совети за меѓународно образование.

Претставникот од Сојузот на средношколци, Влатко Стојкоски, истакна дека за време на пандемијата, Сојузот сметал дека дека целосната дигитализација, следењето настава и учењето од дома, не соодветствувале со средношколските потреби и пракси бидејќи учениците се соочуваат со потешкотии во социјалниот развој,

„Кога се затекнавме со кризата со коронавирусот, првото решение донесено беше целосна онлајн настава, каде генералниот став на ССРСМ беше комбинирана настава – недела дома, недела на училиште, што не се реализираше. Сепак, комбинација и инкорпорирање на дигитални алатки во училницата е позитивен процес на дигитализирање, кој ги олеснува и забрзува образовните процеси“, нагласи тој.

Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија – ССРСМ е единственото национално претставничко тело на средношколците во земјата.

Претходно, беше претставено неодамнешно истражување на СДТ, ИДУЕП и ФОП, кое покажа дека 70 отсто од учениците и студентите од Албанија, С. Македонија, Србија преферираат модел на учење во училница или комбиниран модел.

За тоа кои се ефектите од дигитализацијата во средното образование, Јана Попова, генералниот секретар од Сојузот на средношколци, истакна дека тие очекувале дигитализацијата во средните училишта очекувале да се случи чекор по чекор, но поради коронавирусот бил направен огромен скок.

„Најголемиот отпор кај нас, средношколците, беше во целосната дигитализација, што резултираше со десоцијализација и затворање на училиштата на предолг временски период“, дополни Попова.

Од друга страна, претставничката од Американските совети за меѓународно образование, Рина Османи, се осврна кон безбедноста во онлајн просторот и прецизните насоки за користење на дигиталните алатки.

„Со појавата на коронавирусот имаше целосно дигитализирање на процесите во Американските совети, како и програма за виртуелна културна и образовна размена. Ги следиме актуелните состојби и се адаптираме на нив, со голема доза на внимание и претпазливост, поентирајќи ги и негативните ефекти од брзите дигитални процеси како преоптовареноста со информации меѓу кои наидуваме на ‘лажни вести’ и борбата со нив,“  забележа таа.

На дебатата, комуниколот и претседател на Советот за дигитална трансформација (СДТ), Бојан Кордалов, истакна дека сите имаат корист од дигитализацијата.

„Таа дава повеќе време, повеќе можности, повеќе слобода – едноставно овозможува да го контролираме сопственото време.  Заедно работиме на тоа дигиталната трансформација да биде одржлива и во функција на сите граѓани,“ заклучи тој.