ТикТок ги ограничи услугите, а Нетфликс се повлече од Русија

Видео-платформата ТикТок воведе рестрикции на нивните услуги во Русија, а Нетфликс целосно го блокираше својот стриминг во оваа земја по бранот компании кои се повлекуваат по почетокот на руската инвазија врз Украина, пренесува Гардијан.

Кинеската ТикТок соопшти дека ќе блокира објавувањето нови содржини од Русија, како и стримањето во живо откако руските власти го криминализираа ширењето дезинформации околу инвазијата врз Украина. Нетфликс, пак, не ја наведоа конкретната причина за суспендирањето на нивните услуги, посочувајќи само дека нивниот потег е последица на условите на теренот. Компанијата претходно имаше соопштено дека ќе одбие да ги емитува руските државни телевизиски канали.

„ТикТок е наменет за креативност и забава, кој може да понуди извор на утеха и меѓучовечка конекција време на војна, кога луѓето се соочуваат со огромни трагедии и изолација. Сепак, безбедноста на нашите корисници на видео платформата и вработените останува наш највисок приоритет“, напишаа од компанијата.

Од компанијата посочија дека нивната апликација ќе биде достапна во Русија само со опција за прегледување и нема да дозволува жителите на земјата да прикачуваат нови видеа или да вршат пренос во живо.

Би-Би-Си, Си-Ен-Ен и други глобални медиумски сервиси претходно времено го суспендираа своето известување од Русија за да ги заштитат своите новинари.

Популарноста на ТикТок кај младите под 25 години се прошири и на содржини поврзани со воената инвазија над Украина, каде некои британски тиктокери добиваа и по милиони прегледи на нивните видеа, додека платформата се справуваше и со голем број лажни и манипулативни содржини. И другите компании кои ги држат глобалните социјални медиуми влегоа во конфликт со руските власти. Фејсбук и Твитер се блокирани во Русија како одговор за блокирањето на државните руски медиуми РТ и Спутник во Европската Унија.

Во меѓувреме американските компании за кредитни картички – Виза, Мастеркард и Американ Експрес најавија дека ќе ги укинат своите услуги во Русија. Јужнокорејскиот Самсунг, кој е водечки доставувач на смартфони и компјутерски чипови, најави дека ќе прекине со испорака во земјата, со тоа приклучувајќи се на Епл, Мајкрософт, Интел и Дел.

Новата легислатива за „лажни вести“ брзо беше изгласана од двата дома на рускиот парламент. Со него се предвидуваат до 15 години затворска казна за сите оние кои ќе шират информации кои се спротивставени на официјалните информации за воената инвазија кои ги соопштува власта во Русија.