Русија го забрани пристапот до Инстаграм поради „повици за насилство“

Руските регулатори соопштија дека денеска на корисниците на Инстаграм ќе им биде блокиран пристапот, бидејќи платформата се користи за „повикување насилство“ против руските војници, јавува „Евроњуз“. Забраната ќе влијае врз 80 милиони корисници.

Најновата најава од Москва дополнително го заострува пристапот до странските платформи за социјални медиуми, откако веќе го ограничи Твитер и го блокираше Фејсбук.

Рускиот регулатор за комуникации Роскомнадзор соопшти дека го ограничил пристапот до популарната платформа за споделување фотографии и видеа бидејќи шири „повици за извршување насилни дејствија против руските граѓани, вклучително и воениот персонал“. Русија исто така, ги повика САД да ја запрат социјалната мрежа поради, како што велат „нивните екстремистички активности“, а исто така повика и на кривична истрага.

Компанијата „Мета“ пак, која го поседува Инстаграм соопшти дека ќе им дозволи на своите корисници во некои земји да повикуваат на насилство против рускиот претседател Владимир Путин и руските војници.

Компанијата посочи дека привремено ќе дозволи некои насилни објави како „смрт за руските напаѓачи“ во Украина, кои обично ги прекршуваат нејзините правила.

Потпретседателот на Мета за глобални прашања Ник Клег ја бранеше, како што рече „привремената одлука донесена во вонредни и невидени околности“.

„Сакам да бидам кристално јасен, нашите политики се фокусирани на заштита на правата на луѓето на говор како израз на самоодбрана како реакција на воена инвазија на нивната земја“, рече тој.

„Факт е дека ако ги применивме нашите стандардни политики за содржина без никакви прилагодувања, сега ќе ја отстранувавме содржината од обични Украинци кои го изразуваат својот отпор и гнев кон воените сили, што со право би се сметало за неприфатливо“, додаде Клег.