Русија ги блокираше единствената независна телевизија и либерална радио-станица

Руските институции одлучија да го спречат емитувањето на единствениот независен телевизиски канал во земјата, а блокираа и една либерална радио-станица во чекор кој се заканува да стави комплетна цензура на покривањето на воената инвазија врз Украина и да ги остави руските граѓани единствено под влијание на државните руски медиуми како единствен извор на информации.

Вчера руската агенција за медиуми, Роскомнадзор, нареди да се „ограничи пристапот“ до телевизијата „Дожд“ и радио-станицата „Московско Ехо“, откако претходно овие медиуми беа обвинети дека „намерно шират погрешни информации“ за рускиот напад врз Украина, пренесе Индепендент.

Од канцеларијата на рускиот јавен обвинител соопштија дека овие два медиуми ширеле „лажни информации за активностите на руската војска кои се дел од специјалната операција во Украина“, додавајќи дека тие споделувале „информации кои повикуваат на екстремистичко однесување и насилство“.

Главниот уредник на „Московско Ехо“, една од најстарите и најпопуларните радио-станици во земјата, за Асошиејтед Прес потврди дека медиумот добил забрана за емитување.

„ТВ Дожд“ на Твитер, пак, објави дека јавното обвинителство побарало да се блокира пристапот до две нивниот канал без објаснување за тоа кои содржини ги прекршуваат руските закони. Од телевизијата сепак додаваат дека ќе продолжат да споделуваат новински информации преку социјалните мрежи, а нивната програма и понатаму се емитува во живо преку Јутјуб.

Оваа телевизија во август беше етикетирана како „стански агент“ од властите во Москва поради критиките на каналот за политиките на Путин.

„ТВ Дожд“ и „Московско Ехо“ останаа два од ретките независни медиумски платформи во Русија кои критички известуваа за рускиот напад врз Украина. Во меѓувреме државните медиуми ја промовираат пропагандата на претседателот Владимир Путин, како и лажните оправдувања за војната со Украина како „специјална воена операција“ со цел „демилитаризација и денацификација“ на соседната земја.

Од Комитетот за заштита на новинарите го осудија овој потег на руските власти, потенцирајќи дека овие медиуми треба да бидат оставени да работат слободно.

„Ограничувањето на социјалните мрежи и независните медиуми од страна на руските власти е чиста цензура и го поткопува слободниот проток на информации. Властите мораат да дозволат „Московско Ехо“, „ТВ Дожд“ и другите независни медиуми да известуваат слободно и треба да престанат со ограничување на пристапот до Фејсбук и Твитер“, изјави програмскиот директор на Комитетот, Карлос Мартинез де ла Серна.

Оваа медиумска блокада доаѓа шест дена откако Русија ја започна воената инвазија над Украина во која загинаа најмалку 136 украински цивили, а гранатирани беа многу станбени објекти и образовни институции низ земјата.

Вчера во гранатирањето на руската армија над Киев беше погодена и телевизиската кула во главниот град на Украина. Во нападот загинаа најмалку пет луѓе, а погоден беше и централниот споменик на холокаустот, соопштија украинските власти.