Украина забрани руски книги и музика во обид за „дерусификација“

Украинскиот парламент изгласа два закони со кои се ставаат силни рестрикции на руските книги и музика откако властите во Киев се обидуваат да се оттргнат од културните врски помеѓу двете земји по руската инвазија.

Еден од законите забранува печатење на книги од руски државјани освен во случај кога тие не се откажале од рускиот пасош и добиле украинско државјанство. Забраната исто така се однесува и на оние кои имаат руско државјанство по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. Законот исто така става забрана на комерцијален увоз на книги издадени во Русија, Белорусија и окупираните украински територии, додека истовремено ќе бара специјални дозволи за увоз на книги на руски јазик од било која друга држава.

Со другиот закон, пак, се забранува музика од пост-советските руски државјани на медиумите или во јавниот превоз, додека истовремено се зголемуваат квотите кои ќе бидат задолжителни за музички и други видови содржини на украински јазик на телевизиските и радио станиците.

За да стапат на сила законите треба да ги потпише претседателот Володимир Зеленски. Двата закони добија голема поддшка од парламентот во текот на вчерашниот ден, а меѓу оние кои гласаа „за“ има и пратеници кои традиционално се сметаа за поддржувачи на Русија од најголемиот дел украински медиуми и граѓанското општество.

„Законите се дизајнирани да им помогнат на украинските автори да споделуваат квалитетни содржини со најшироката можна публика, која по руската инвазија веќе не прифаќа никакви руски креативни продукти“, изјави украинскиот министер за култура, Олександер Ткаченко.

Овие нови закони се последниот чекор во долготрајниот пат на Украина кон оттргнување од наследството на долгогодишната руска власт во земјата. Украинските власти велат дека овој процес, претходно наречен „декомунизам“, но сега се` почесто нарекуван „дерусификација“, е неопходен за да се сменат децениските политики насочени кон придушување на украинскиот идентитет.

Властите во Москва, пак, не се согласуваат, објаснувајќи дека политиките не Киев да го вметнат украинскиот јазик во секојдневниот живот претставува угнетување на големата бројка граѓани кои говорат руски јазик и чии права руските власти тврдат дека ги заштититуваат со таканаречената „специјална воена операција“ во Украина.

Овој процес забрза по руската инвазија на Крим во 2014 година и поддршката на сепаратистичките украински региони во Донбас, но доби целосно нова димензија по инвазијата врз земјата на 24 февруари.

Стотици локации во украинскиот главен град, Киев, веќе се преименуваа и откажуваат било каква поврзаност со Русија. Во април беше срушен споменикот за пријателство на Русите и Украинците изграден уште во времето на Советскиот Сојуз.