Твитер покрена нова верзија која ја избегнува цензурата во Русија

Твитер покрена нова верзија со заштитена приватност на нејзината платформа која ќе ја заобиколи цензурата и надзорот од руските власти.

Овој потег доаѓа откако Кремљ соопшти дека воведува рестрикции врз социјалната мрежа со цел да се контролираат информациите за војната во Украина.

Експертот за интернет безбедност, Алек Муфет, ја најави новата услуга од Твитер на неговиот профил.

„Ова е веројатно најважниот и најдолго очекуваниот твит кој сум го напишал досега“, стои во неговата објава.

Според него новата верзија на Твитер , наречена „кромид“ била во изработка подолго време откако Фејсбук направи слична верзија во 2014 година.

„Во 2014 година предводев тим кој ја покрена „кромид“ верзијата на Фејсбук. Оттогаш имаше повремени разговори за таква верзија и на Твитер. Ова е резултат на долг период работа на многу луѓе и сакам да им се заблагодарам на сите нив за истрајноста“, напиша Муфет.

Позната како „кромид“ услуга, корисниците ќе можат да пристапат до оваа нова верзија на Твитер преку преземање на пребарувачот „Тор“, кој овозможува луѓето да пристапуваат до интернет страници на таканаречениот „темен дел од интернетот“.

Овој термин вообичаено подразбира нелегални вебсајтови, но исто така може да се користи од оние луѓе кои сакаат да останат анонимни поради нивната безбедност при пристапување на сајтови цензурирани од авторитарни власти.

Наместо користење на линк .com, „кромид“ сајтовите користат суфикс .onion. Луѓето и понатаму можат да пристапуваат до вообичаените сајтови преку „Тор“, но сајтовите со .onion се направени специфично за овој пребарувач и спречуваат да бидат блокирани од злонамерни страни.

Фејсбук и други сајтови како Би-Би-Си исто така имаат нивни верзии на пребарувачот „Тор“.

Од почетокот на воената инвазија врз Украина руските власти агресивно се пресметуваат со секој критички глас против војната во земјата. Од почетокот на нападот низ Русија приведени се преку 10 илјади граѓани кои излегуваа на анти-воените протести, додека единствените критички медиуми во земјата згаснаа по носењето на новите закони со кои се криминализираат информациите поврзани со војната во Украина кои се спротивни на оние кои ги соопштуваат официјалните руски институции.