Во окупираните територии на Украина започнаа референдуми за приклучување кон Русија

Референдуми за приклучување кон Руската Федерација денеска започнаа во областите на Украина кои се целосно или делумно контролирани од Москва, пренесува Ал Џазира Балканс.

Изјаснувањето на жителите кое започна во шест часот наутро по средноевропско време ќе трае до 27 септември во регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје кои сочинуваат околу 15 отсто од територијата на Украина или колку големината на Унгарија.

Претходно проруските власти на териториите во Украина најавија дека од 23 до 27 септември ќе се одржат референдуми за припојување на четири украински региони кон Русија.

„Референдумот за влез на Луганска Народна Република (ЛНР) во состав на Руската Федерација како конститутивен субјект на федерацијата ќе се одржи од 23 до 27 септември“, најави претседателот на народниот совет на ЛНР, Денис Мирошниченко.

Референдумското прашање ќе гласи „Дали сте за влез на ЛНР во Руската Федерација како правен субјект на Руската Федерација“?

НАТО ги осуди плановите на Русија за одржување референдуми во окупираните региони на Украина и ги повика сите земји да ги отфрлат „очигледните руски обиди за територијално освојување“.

„Лажните референдуми во регионите Доњецк, Луганск, Запорожје и Херсон во Украина немаат легитимитет и се грубо кршење на Повелбата на Обединетите нации“, се вели во соопштението на Организацијата на Северноатлантскиот договор.