ОН: Повеќе од 3.000 цивили убиени во војната во Украина досега

Организацијата за човекови права на Обединетите Нации (ОХЦХР) вчера информираше дека повеќе од 3.000 цивили се убиени во Украина по стартот на руската инвазија на 24-ти февруари.

Според организацијата досега се убиени 3.153 цивили, што е за 254 лица повеќе од бројката од петокот. ОХЦХР посочуваат дека вистинската бројка на загинати веројатно е многу поголема но дека е тешко да се утврди поради непристапноста на локациите каде се води војната.

Најголемиот број од жртвите биле убиени од експлозивно оружје кое прави штета на голема површина, како што се ракетните напади и авионските бомбардирања, соопштија од организацијата. Оттаму додаваат дека речиси половина од убиените цивили се случиле во покраините Доњецк и Луганск во регионот Донбас во источна Украина, која во моментов е фокус на руската војска.

Украинските власти тврдат дека бројката на убиени цивили е неколкукратно поголема. Градоначалникот на Мариопол, каде претходниве недели се водеа најжестоките борби, проценува дека во овој град загинале најмалку 10.000 цивили.

Од почетокот на инвазијата повеќе од 5,5 милиони Украинци ја имаат напуштено земјата, информираа од Агенцијата за бегалци на Обединетите Нации. Оваа бројка изнесува 10% од вкупното население на Украина пред војната.