Обединетите Нации ги осудија руските анексии во Украина

Генералното собрание на Обединетите Нации со големо мнозинство гласови одлучи да го осуди рускиот обид да анексира четири региони од Украина.

Резолуцијата доби поддршка од 143 држави, додека 35 земји, меѓу кои и Кина и Индија беа воздржани при гласањето. Покрај Русија, само четири други држави од ОН гласаа против резолуцијата – Белорусија, Северна Кореја, Сирија и Никарагва.

И покрај тоа што се работи за симболичен чин на осуда, ова е најголем број на гласови кои застанаа против Русија од почетокот на инвазијата.

Минатата недела на церемонија во Кремљ, претседателот Владимир Путин потпиша документи со кои четирите источни региони на Украина – Луганск, Доњецк, Запорожје и Херсон ги прогласи за дел од Русија.

Договорите беа потпишани и од страна на лидерите на четирите региони поставени од руските власти и доаѓаат по референдумите организирани во регионите кои беа прогласени за целосна фарса од страна на Западот.

Со резолуцијата се повикува меѓународната заедница да не признае ниту една од анексиите на Русија и се бара итно поништување на овие одлуки. Дополнително со документот се изразува цврста поддршка на напорите за смирување на конфликтот преку преговори.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е благодарен на државите кои ја поддржале резолуцијата.

„Светот го кажа своето мислење – руските обиди за анексија немаат никаква вредност и никогаш нема да бидат признаени од слободните држави“, напиша Зеленски во твит, додавајќи дека „Украина ќе ги врати сите нејзини територии“.

За американскиот претседател Џо Бајден гласањето испратило јасна порака кон Москва.

„Влогот на овој конфликт е секому јасен и светот испрати јасна порака во одговор – Русија не може да избрише суверена држава од мапата“, рече Бајден.