Што пропушти на Радио МОФ?

На крајот на оваа седмица, Радио МОФ ви го претставува нашиот избор на топ вестите за изминатата недела, од областа на образованието, културата, граѓанското општество, политиката, животната средина…

Што ги одбележа изминатите седум дена, прочитајте во продолжение:

1.По безброј правни пречки, Валентин Ракип конечно доби Матичен број

Кога лани Радио МОФ се сретна и разговараше со Валентин Ракип, младо лице без државјанство, тој откри дека немањето документи го спречува во неговиот сон да се запише на факултет и да стане готвач. Сега, конечно, барем дел од овој сон ќе може да го оствари. По долгогодишна правна битка Ракип доби матичен број, што е основен предуслов да ги остварува сите права кои му следуваат.

2.На дел од државните универзитети доцни изборот за студентски лидери

По три години од усвојувањето на студентското уредување и по веќе два минати мандати на независни студентски претставници, на дел од најголемите државни универзитети во земјава, изборот за нови претседатели на Универзитетското студентско собрание доцни.

Во пресрет на новата академска година, Радио МОФ направи преглед на моменталната состојба на Универзитетските студентски собранија, кои веќе втора година по ред функционираат како независни студентски тела кои се надлежни за прогрес на младинските и студентски политики.

3.Ако не се казнат луѓето кои ме нападнаа ќе поставам шатор во Владата за да бидам безбеден, вели ЛГБТИ активистот Асани

ГБТИ активистот Беким Асани на прес-конференција што се одржа пред Владата ги повика институциите итно да постапат кон идентификување на одговорните за физичките напади на кои беше жртва во последниот период.

Тој за Радио МОФ објаснува дека во последните неколку месеци бил жртва на три хомофобични напади, од кои два беа изминатиот месец. Тој вели дека непостапувањето за нападите од страна на институциите, односно како што посочи, полицијата и обвинителството, го принудило денес да излезе и јавно да се обрати кон медиумите пред седиштето на извршната власт.

4.Цела недела недостапен хакираниот сајт на МОН, од Министерството велат дека се префрлаат на нова платформа

Цела недела интернет страницата на Министерството за образование и наука (МОН) беше недостапна за граѓаните откако изминатиот викенд беше мета на хакерски напад од наводна грчка хакерска група.

Нападот се случи ноќта помеѓу претхдниот петок и сабота, а при преземањето на сајтот хакерите ги промениле содржините и сликите на насловната страница на сајтот mon.gov.mk. Сите објавени линкови воделе кон Јутјуб видео со наслов „Популарна Македонија“ (Famous Macedonia).

5.Првиот Господар на прстените

„Конечно го дочекавме денот на емитување на првите епизоди на The Lord of The Rings: The Rings of Power на Amazon Studios (да, токму Amazon на Џеф Безос) на Amazon Prime Video стриминг платформата. Засега има три епизоди излезено, и очекувано е под мета на критики, што поради проблеми со сценарио, што поради глума, што поради ефекти, што поради проблеми со интерпретација на светот на Толкин итн. За The Rings of Power, како и за House of the Dragon, новата серија на HBO во светот на Game of Thrones на писателот Џорџ Мартин ќе пишувам кога ќе заврши сезоната и нормално кога ќе се спушти прашината.

Овој текст во својот фокус ќе ја има првата адаптација на епохалниот литературен серијал на Џон Роналд Руел Толкин. Не, не е во прашање играната филмска трилогија на Питер Џексон, туку цртаниот филм од 1979 година во продукција на United Artists и во режија на Ралф Бакши“, напиша нашиот надворешен соработник Марјан Болтевски.

6.[Став] Зошто на младите во Македонија демократијата им е претставена на погрешен начин?

„Во Македонија, демократијата не функционира правилно, и на младите во Македонија истата им е претставена на погрешен начин.

Поголемиот дел од младите имаат погрешна претстава за демократијата, бидејќи заклучуваат дека она што го гледаат, она што им се нуди како опција, претставува демократија, но, всушност тоа е само искривена слика за поимот демократија.

Демократија не претставува наметнување и наметнато прифаќање на туѓото мислење, не почит кон туѓите одлуки, наметнат став, ограничување и делумно исклучување на младите од општествено-политичкиот живот“, пишува средношколката Даница Среткоска во рубриката „Став“.

7.Сексуалното образование да се воведе како изборен предмет, бараат стручњаци и граѓански организации

Да се воведе изборен предмет Сексуално образование во основните училишта соодветен за возраста и капацитетот на децата. За истото да се спроведе обука на наставниот кадар, јавноста да се едуцира за придобивките од имплементирањето на ваквиот предмет, а да се намалат дезинформациите. Да се зборува отворено за физичката, менталната и социјалната благосостојба и сексуалната ориентација.

Ова се главните цели што беа изнесени при потпишувањето на декларацијата „Со сексуалното образование во училиштата до поздрава и побезбедна иднина“ од страна претставници, меѓу кои лекари, специјалисти и социјални работници од 15 стручни здруженија и граѓански организации.

8.Кој е одговорен за редиците пред ФИНКИ?

Популарниот Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од кој студентите очекуваат современа дигитализирана платформа за завршување на административни работи околу упис или уплаќање на школарина, оваа година наместо соодветно решение произведе долги редици идни студенти кои со часови чекаа да ги предадат своите документи.

Чекањето за пријавување за упис на факултет е нешто од што останатите единици при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ полека се ослободуваат. Потребата од двојната обврска, пред да ги донесат документите со физичко присуство да се пријават и електронски, кандидатите кои се запишуваат на ФИНКИ ја сметаат за несоодветен начин на кој треба да се врши уписот.

9.#РаскажиМи: „Севдалинка“ од Владимир Лукаш

Овојпат во рубриката #РаскажиМи го читаме расказот „Севдалинка“ од Владимир Лукаш, кој е дел од збирката раскази „Дедлајна, љубов моја“ (2018) во издание на издавачката куќа „Темплум“.

10.„И ние Ромите заслужуваме чист воздух, климатизирани автобуси и улици без дупки“ – Граѓани од Шуто Оризари протестираа пред Град Скопје

Под мотото „Шуто Оризари – заборавена општина“ неколку стотици граѓани од ромската заедница одржаа протест пред Град Скопје за да го изразат своето незадоволство од дискриминаторските политики кои, според нив, градската управа ги има кон оваа скопска Општина.

Граѓаните, кои маршираа седум километри од центарот на Шуто Оризари до просториите на Град Скопје, на собирот се пожалија од неорганизираниот и неквалитетен јавен превоз во Општината, депонијата во Визбегово која е закана за цело Скопје, како и недостатокот на инфраструктура и зеленило.