[Инфографик] УКИМ останува на 1.990 место на рангирањето на 2.000 најдобри универзитети во светот, според CWUR

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) остана на 1.990 место на листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2024 година, која денеска ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).

Годинава, CWUR рангираше 20.966 високообразовни институции, а УКИМ е единствениот македонски универзитет кој се најде на потесната листа од 2.000 универзитети.

Листата на CWUR се објавува секоја година, а при рангирањето, универзитетите и колеџите се оценуваат според факторите образование, можност за вработување, настава и истражување.

Во однос на земјите од соседството, Србија на пример во потесното рангирање има четири универзитети, односно Белградскиот универзитет кој е рангиран прв на национално ниво, е на 376 место во светски рамки.

На рангирањето на CWUR, се најдоа и 12 универзитети од Грција. На национално ниво на прво место се најде Универзитетот во Атина, кој е на 282 место во светски рамки, според рангирањето.

Универзитетот во Загреб кој е најдобар во Хрватска, според рангирањето е на 508 место на светско ниво. Од Хрватска на листата се најдоа уште 3 универзитети.

Во меѓувреме, од Бугарија, на 1.020 место се најде Софискиот универзитет, прворангиран во земјата, како и Медицинскиот универзитет.

Меѓу универзитетите на листата не се најде ниту еден универзитет од Косово, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина.

Инаку, во првите пет, годинава се најдоа Харвард, МИТ, Стенфорд, Кембриџ и Оксфорд.

Мартин Колоски