По безброј правни пречки, Валентин Ракип конечно доби Матичен број

Кога лани Радио МОФ се сретна и разговараше со Валентин Ракип, младо лице без државјанство, тој откри дека немањето документи го спречува во неговиот сон да се запише на факултет и да стане готвач. Сега, конечно, барем дел од овој сон ќе може да го оствари. По долгогодишна правна битка вчера Ракип доби матичен број, што е основен предуслов да ги остварува сите права кои му следуваат.

Во 2021 се сретнавме во просториите на „ЛицевЛице“, позната средина за него, бидејќи тој во тоа време беше продавач за „Лицевлице“, преку што заработуваше за него и за неговите браќа и сестри, кои се соочуваат со истиот бирократски проблем, продавајќи го списанието. Дополнително, тогаш Валентин беше дел и од програмата за социјално менторство.

Во Македонија се регистрирани околу 700 лица без документи. Отсуството на документите е причина овие лица да немаат пристап до здравствена заштита, до образование, социјална помош или вработување. Дополнително, лицата без документи се соочуваат и со отежнато движење во и надвор од државава. Доколку се застанати од полиција, можат да бидат приведени бидејќи не можат да го докажат својот идентитет.

Од „ЛицевЛице“ соопштија дека десетгодишната правна битка на Ракип конечно доби среќна разврска. Поддршка во правната битка Ракип добил од повеќе чинители – „Паблик“ – како организација која имплементира социјално менторство, „Здружението на млади правници“ (МЗМП) кое обезбедило правна помош и Дневниот центар за деца на улица во Шуто Оризари каде добил одреден степен на образование – „привилегија“ која ја немаат лицата без документи.

„Дајте друго дете“

Социјалната менторка на Ракип, Магдалена Чадиноска Кузманоски за Радио МОФ вели дека целиот процес бил тежок, со оглед на тоа каде живееме и како работат институциите.

„Од друга страна беше многу комплексно прашањето на Валентин, бидејќи внатре, во самиот предмет имаше низа проблеми зашто мајка му е странски државјанин, татко му е починат без да признае татковство освен на едно од децата и тоа навистина некако беше многу голема пречка. Затоа неговиот случај беше поразличен од оние лица без идентитет само зошто се родиле во домашни услови и не ги јавиле навремено“, објаснува Чадиноска Кузманоски.

Раскажувајќи ги правните лавиринти, таа посочува дека многу е важно со кого се разговара на другата страна од „шалтерот“.

„Знаете, има многу врска со кого разговарате. Ако се јавите во една институција, во 10 часот наутро, не значи дека ако разговарате со втор колега оттаму, дека тој ќе ви го потврди тоа што претходно сте го зборувале. Цело време се случуваше да има константа потреба од нешто ново и кога повторно ќе се слушнам да добијам различни информации од исти институции. Исто, одиме во една институција каде што претходно не пратиле од другава институција и кога ќе дојдеме тие се чудат што таму не пратиле, како се тие надлежни за ова, па не враќаат пак назад од каде што сме дошле. Цело време имаше такви институционални борби“, се сеќава социјалната менторка.

Чадиноска Кузманоски објаснува дека процесот на Валентин, го водела во соработка со „Млади правници“ и додава дека победата ја смета за заедничка, бидејќи се покажало дека меѓусекторската соработка може да доведе до придвижување.

Социјалната менторка истакнува дека за време на целиот процес, била мотивирана од свесноста на Валентин. Таа дополнува дека кога младо момче на 19 години  е свесно дека само преку работа може да се дојде до заработувачка за моменталното семејство и семејството што утре ќе го има, може и да мотивира со неговата сериозност и посветеност за да го среди својот живот.

„Од друга страна, ме мотивираше тоа што со голема леснотија институциите ми велеа ‘откажете се, земете друго дете зашто ова е многу комплексен случај и не веруваме да го решите’. Искрено овие работи ме мотивираа да бидам и поупорна, а и самата наша програма за Социјално менторство и работна интеграција навистина го менува пристапот“, вели таа.

Правни лавиринти

Адвокатот Диме Ѓорчевски кој го водеше правниот процес на Валентин, посочува дека со успехот во судската постапка, се овозможува упис на Ракип во матичната книга на родени и добивање на државјанство на Република Македонија.

„Стекнувањето на државјанството му овозможи да биде видлив во општеството и да ги има основните човекови слободи и права кои во досегашниот негов живот му беа недостапни. Тој се стекнува со здравствено и социјално осигурување, можност за образование, можност за вработување, односно пристап до пазар на труд во Република Македонија и надвор од државата, право на гласање и слободно патување“, објаснува Ѓорчевски, потенцирајќи дека навистина станувало збор за комплициран случај.

Тој се надоврзува велејќи дека во ваква или слична ситуација се наоѓаат уште голем број на лица, па се надева дека овој случај ќе биде поттик за овие лица да иницираат постапки за решавање на истиот проблем.

„Веќе сме во подготовка на неколку предмети со исто тужнено барање во соработка со УНХЦР и Македонското здружение на млади правници. Предметите кои ги подготвувавме набрзо ќе бидат процесоирани во судот, а предметот на Валентин ќе претставува позитивна судска пракса која судовите би ја имале предвид при одлучувањето во ваквите постапки“, заклучи Ѓорчевски.

Од Здружението „Млади правници“ истакнуваат дека случајот на Валентин и неговите браќа и сестри е еден од потешките случаи за утврдување на правен идентитет кои тие ги воделе во нивната досегашна пракса.

„Правната битка за докажување на неговиот идентитет најпрво, а потоа и на неговото државјанство започна со неговото раѓање во 2002 година, а заврши во септември 2022 година – по две децении. Тој е роден во Македонија, од татко македонски државјанин и мајка со српско државјанство. Постапката за упис во матична книга на родените траеше повеќе години, пред сè поради тоа што децата беа напуштени од мајката, а таткото почина пред да успее да ги признае татковството за децата, освен за едно дете, сестрата на Валентин“, објаснуваат оттаму.

Во 2017 година, 15 години од неговото раѓање, со огромни заложби од страна на неговите роднини, МЗМП успеале да ги запишат Валентин и неговите браќа и сестри во матична книга на родените и на 15 години за прв пат да добие извод од Матичната книга на родени како потврда на неговиот идентитет.

Но, останал проблемот со утврдување на државјанството. Тој бил странец во сопствената земја. МЗМП се  обиделе да започнат постапка за прием во српско државјанство, но и таму наишле на административни пречки. Поради тоа, МЗМП започнало напоредно да води две постапки – постапка за регулирање на престој како странски државјанин и напоредно, судска постапка за докажување на неговото татковство, врз основа на кое ќе се утврди и неговото државјанство.

„Постапката за регулирање на престој започна во 2020 година и сè уште трае. Судската постапка започна со поднесување на тужбата на 31 декември 2020 година, а заврши со донесување на позитивна пресуда со која беше утврдено татковството на 07 декември 2021 година. Потоа започна постапка за запишување на таткото на Валентин во неговиот извод од матична книга на родените и утврдување македонско државјанство и добивање македонски матичен број, која постапка заврши со издавање на извод од Матичната книга на родени на 05 септември 2022 година“, дополнуваат оттаму.

Во моментот е во тек постапка за добивање македонска лична карта.

Еднакви шанси и можности

Слушнете ја приказната на Валентин, каде тој раскажува за препреките и желбите, кои по добивањето на матичниот број веќе можат да станат и реалност.

Сега, кога тој е влезен во системот на државата, и ќе добие еднаквост, Чадиноска Кузманоски посочува дека по оваа борба, Валентин ќе може да ја реализира една од целите на социјалното менторство, односно да најде вработување.

„Преку процесот на социјално менторство, Валентин имаше и неколку понуди во опсегот на социјално менторство и почна на обука која му е платена и оттаму се навистина презадоволни, ме прашаа дали има уште вакви деца како Валентин кои би можела да ги понудам кои би оделе кај нив. Значи некогаш на некој само му должиме шанса да има исти можности и привилегии како нас, па понатаму сам си се снаоѓа“, истакна социјалната менторка.

Ивана Смилевска

Објавата е финансирана со средства на Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд, во заедничкиот проект имплементиран од Агенцијата на ОН за бегалци, УНХЦР и партнерските агенции на ОН. Нејзината содржина е одговорност на Младинскиот образовен форум и не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ОН.