[Подкаст] Мегафон: „Лице в лице” со Валентин, детето фантом

Jас сум Валентин, работам во „Лице в лице“, половина оди кај продавачот, половина оди кај печатницата

Деветнаесетгодишниот Валентин Ракип го најдовме во неговата позната средина – просториите на списанието „Лице в лице“. Носеше маска со симболите на фудбалскиот клуб „Милан“ и весело раскажуваше кои се неговите омилени активности.

„Многу сакам да одам во извидници и повеќе со работа сум и во меѓувреме кога има некоја друга работа и друга работа работам. Сакам да спортувам, да возам на пример точак или ролерки, такви ствари сакам“, вели тој.

Но, јавноста го знае Валентин по неговата несреќна животна приказна. Тој е едно од седумстотини лица во државата кои немаат лична документација, пречка која влијае Валентин да не ги ужива истите привилегии како неговите врсници. Во време на пандемија нема матичен лекар, не може да продолжи со средно образование и не може да патува.

„Да имав матичен до сега ќе си работев, ќе имав друга желба и друго нешто да остварам во животот“, објаснува Валентин.

Тој за Радио МОФ споделува дека со помош на Дневниот центар – „Деца на улица“ завршил основно образование, но поради недостатокот на личната документација не успеал да заврши средно образование.

„Сакав да завршам и средно, ама ме фатија на годините и плус документите“, продолжува Валентин.

Валентин Ракип

Александра Ефремова, дел од Здружението „Млади правници“ вели дека согласно јавниот повик кој што се спровел во 2018 и 2019 година од страна на Управата за водење на матични книги и Министерството за труд и социјална политика, идентификувани се седумстотини лица кои што не се запишани во Матичната книга на родени.

„Ова се постапки кои се водат многу долго, најчесто траат и повеќе години, најчесто се вадат на тоа дека се потребни повеќе докази кои дополнително ја обременуваат и ја одолговлекуваат постапката, но честопати укажуваат на тоа дека се среќаваат со ситуации, кои што генерално не се опфатени и во законот за Матична евиденција, па не можат да најдат соодветна законска одредба која што би ја примениле во конкретниот случај“, објаснува Ефремова.

Ефремова надополнува дека неажурноста на Управата за водење на матични книги во голем број доведува и во губење на предметите, до барање или инсистирање на предмети кои што воопшто не можат да се прибават бидејќи не постојат како такви.

Здружението „Млади правници“ правно го водат случајот на Валентин. Ефремова вели дека било проблем како да се утврди државјанството бидејќи се работи за дете кое што е родено во брак помеѓу македонски државјанин, татко му бил македонски државјанин, кој за жал починал во текот на постапката и не стигнал да го признае татковството, а неговата мајка била српски државјанин.

„Таа ги напуштила Валентин и неговите браќа и сестри кога биле многу мали, па дополнително се соочуваат со проблем како да се запишат со српско државјанство, да не останат лица без државјанство. Она што ние го правиме за Валентин во моментов е водење на две постапки – првата постапка, бидејќи не постоеше услов да се запише со македонско државјанство веднаш, значи ние поведовме и постапка за утврдување на татковство по судски пат значи можеме да го докажеме, имаме докази со кое што го докажуваме сродството со неговата сестра, а неговата сестра пак, е единствената која татко и успеал да ја признае за време на брак“, нагласува Ефремова.

Од здружението сметаат дека преку ДНК анализата ќе можат да го докажат сродството со неговата сестра, па судот ќе може да го утврди и татковството, по што Валентин ќе може да добие македонско државјанство и лична карта. Ефремова додава дека Валентин, моментално, е третиран како странец во сопствената земја. Тој нема матичен број и нема лична карта, па оттаму не може да има пристап на пазарот на трудот.

„Не може да се вработи, нема право на здравствена заштита, бидејќи е странец тука, отежнато му е движењето и во рамките на Македонија, но и надвор од Македонија бидејќи нема никакви документи. Доколку го застане полиција тој може да биде приведен бидејќи не може да си го докаже својот идентитет. Нема пристап до никакви социјални права, конкретно социјална помош и други права кои што му следуваат поради тоа што не е вработен. Така што, сè на сè, навистина нема никакви права – не ги ужива тие права кои што се предвидени за нас граѓаните“, истакнува Ефремова.

Валентин вели дека пречките од неговата непостоечка лична документација највеќе ги чувствува сега, иако нагласува дека кога ќе се сети на неговиот живот на 12 и 13 години, му е ептен тешко.

„Како Валентин јас што сум, јас би сакал и средно да завршам и факултет, сакам да работам и од друга страна немам документи, не знам. Многу е [тешко] чувството да немаш ништо во животот, а кога сакаш да оствариш нешто“, објаснува Валентин.

Ефремова од Здружението „Млади правници“ вели дека со ваквиот бирократски однос кон незапишаните деца во матичната книга на родени, се прекршуваат правата на детето. Според неа, со Конвенцијата за заштита на правата на детето, секое дете мора да биде запишано во матичната книга на родени и да добие државјанство, а доколку законот не дава поинаква можност, институцијата може да се повика на Конвенцијата водејќи се по најдобриот интерес за детето.

„Секако дека има одговорност од страна на државата – не смее како прво да си дозволи постапка за упис во Матична книга да трае подолго време. Значи имаме ние законски рокови согласно Законот за општа управна постапка, кои што наведуваат дека пред сè, тие се кратки рокови, кои што наведуваат на тоа најитно да се постапува во вакви ситуации. Односно, да се одлучи во рок од 30 или пак доколку предметот е посложен 60 дена и тука апсолутно државата најгрубо ги прекршува овие закони“, истакнува Ефремова.

Ефремова се надоврзува дека освен донесувањето на Законот за неевидентираните лица во Матичната книга на родени, не постои друго законско решение кое би им ја олеснило ситуацијата на овие лица, но дополнува дека дури ни овој закон не е системско решение и не може во целост да го реши проблемот, туку законот само ја олеснува ситуацијата и овие лица добиваат пристап до изводи додека ја пополнат нивната лична документација.

Освен за Валентин, моментално се водат процеси за вадење на лична документација за неговите останати четири браќа и сестри. Во меѓувреме, Валентин повеќе од две години е дел од програмата „Социјално менторство за работна инклузија“ на „Лице в лице“, а веќе шест месеци соработува со социјалната менторка Магдалена Чадиноска Кузманоски. Според неа, непостоечката лична документација многу силно влијае на животот на Валентин.

„Прво, го нема едно од основните човекови права, право на идентитет, сметам дека во секој случај, секојдневно му е животот исполнет со предизвици. Како прво, фала му на бога што во ситуацијава Валентин е здраво момче, меѓутоа било какви здравствени проблеми да се случат, тој е оставен на добрата волја на некој доктор во населбата во која што живее. Затоа што не му следува матичен доктор без документи.  И сега кога е комплетно работоспособен, тоа што не може да најде вработување, во исто време е оставен без документи и никој не се интересира како се прехрануваат тие деца, пошто не е он сам, кажа и самиот дека се седум деца од кои само две имаат документи. Двете сестри. Ете тука е тој парадокс“, објаснува таа.

Чадиноска Кузманоски се надоврзува дека во рамки на програмата за работна инклузија биле пронајдени две работни места за Валентин, но биле откажани бидејќи тој не можел да биде пријавен поради недостатокот на личните документи.

Валентин вели дека моментално се чека конечната одлука, каде ќе се потврди дека е син на Реџо Ракип и ќе добие матичен број. Дотогаш, доколку има здравствен проблем ќе оди во локалната амбуланта каде вели дека „скоро сите го познаваат“. Би сакал и да може да патува заедно со неговата извидничка дружина, да надомести за сите пропуштени прилики. А додека да стигне одлуката од судот и понатаму ќе го одржува неговиот сон – да стане готвач или пекар.

„Би сакал да ги имам документите и не ми е проблем, дали готвач или пекар, не ми е проблем. Ми одговараат двете работи. А би сакал повеќе готвач, таква желба имам да остварам во животот“, вели за крај Валентин.

Ивана Смилевска