[Видео] Долгите процедури и предрасудите го прават патот на бегалците и барателите на азил уште подолг 

Самохран татко со три деца од Сирија, кој побегнал од војната поради страв од прогон, минатата година дошол во земјава за да бара меѓународна заштита, односно азил. За жал, не ја добил. Секторот за азил донел негативно решение, а Здружението на млади правници поднело тужба до Управниот суд,  која била усвоена, а предметот бил вратен на повторно одлучување.

„Овој случај доби позитивна разрешница и лицето заедно со своето семејство успеа да оствари семејно убедување, моментално се наоѓаат во Германија со регулиран престој. Во однос на неговото одбиено барање за азил тука во државата, Секторот за азил не успеа да утврди доволни причини со цел да му биде доделена меѓународна заштита тука“, вели Игор Стојчевски од Здружението на млади правници.

Вакви случаи во земјава има многу – лица кои бегајќи од војни и оправдан страв од прогон, да не добијат меѓународна заштита во земјава. Секторот за азил, според извештајот на Здружението на млади правници, често неосновано утврдува непостоење страв од прогон.

„Во самата дефиниција има еден многу интересен момент а таму е оправданиот страв, односно, бегалецот кога ќе покаже барање за азил пример во нашата држава, нашите институции се ставени во една ситуација да треба да детерминираат дали кај тоа лице постои оправдан страв. Искажувањето на страв е културно релативно. Во некои култури може да е културно оправдано мажите да плачат и да молат, во некои култури не е тоа случај поради перцепцијата дека мажите треба да се силни и сталожени. Тие кои го оценуваат оправданиот страв мора да имаат увид во тие културни разлики“, смета Никола Донев, програмскиот асистент во Центар за право на бегалци и миграција при Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Во некои случаи, лицето кое бара азил во земјава, од Секторот за азил, почесто добива прашања за патувањето отколку за стравот од прогон и состојбата во државата, а  со ова се додаваат непотребни препреки при долгиот и макотрпен процес на барање азил во земјава.

Според податоците на МВР, во 2021 и 2022 година, 235 луѓе побарале азил во земјава. Од нив, 18 биле одбиени, а четворица добиле супсидијарна заштита.

Останатите, како што впрочем говорат и бројките, никогаш не го дочекуваат крајниот чин од барањето азил во земјава. Бегаат, затоа што постапката за азил знае да трае предолго. Законот за меѓународна и привремена заштита препорачува временска рамка за добивање на решение за азил од девет месеци, но во практика, тоа не е секогаш така.

„Како еден од проблемите на кои најмногу се жалат барателите на азил е долгото траење на постапката за азил. Скратувањето на траењето на постапката за азил можеби ќе придонесе за многу поефикасна постапка. Постојат случаи каде што барателите на азил повеќе од 12 месеци немаат добиено никаков одговор“, вели Стојчевски.

Но, не е само тој проблем. Тука се предрасудите и дискриминацијата. Имено, најголем број од бегалците, а и оние кои бараат азил се мажи, нешто што во земјава наидува на големи реакции и стравови кај локалното население. Ова се памети и од 2021 година, кога тогашниот министер за правда Бојан Маричиќ, поради жестоките реакции од населението, ја стопираше изградбата на градењето Прифатен центар за странци во Бардовци, кој требаше да го замени веќе постоечкиот објект во Општина Гази Баба, кој немаше доволно добри услови.

Според МВР, во периодот од 2019 до 2021 година, од вкупно 936 лица кои поднеле барање за признавање на азил, 89 отсто или 832 луѓе биле мажи.

„Како една од главните причини зошто најголемиот дел од бегалците се мажи е токму тоа што тие се главно таргетирани во земјата на потекло и токму поради тоа тие се одлучуваат да ја напуштат државата и да заминат во некоја друга држава каде што би побарале заштита“, смета Стојчевски.

Според програмскиот асистент Донев, дискриминацијата за бегалците може да биде присутна по многу основи.

„Кога станува збор за овие прашања, треба да имаме на ум дека секогаш идентитетот на бегалецот не е само бегалец како таков. Има идентитетски слоеви врз кои бегалецот како лице може да се дискриминира. Има бегалци кои се жени, кои се мажи, ЛГБТ и разни други културни и политички определби кои можат да бидат основа за понатамошна дискриминација на бегалците“, вели тој.

Друго објаснување за непропорционално големата стапка на мажи меѓу барателите на азил е поврзано токму со тешкиот пат кој ги следи– одење пеш со денови, транспорт преку брод, како и долги и неизвесни легални процедури. Многу почесто мажите се тие кои ќе го изодат тој пат со надеж дека ќе добијат азил, а дека потоа ќе можат да се обединат со семејството во новиот дом. Но и покрај овие објаснувања, популистичките актери често ги манипулираат фактите во своја корист.

„Популистичките политичари ги искористуваат бегалците за на еден начин да го заплашат населението дека со нивните културни разлики, особено оние кои доаѓаат од Блискиот Исток или Африка, дека тие се „закана“ по т.н. европски начин на живот. Ова е особено важно за либералните сили во една држава, да контрираат на овој популистички наратив кој нормално секогаш се врзува со некои националистички тенденции и потоа преминува во говор на омраза“, смета Донев.

Патот на бегалците, а и на барателите на азил е поплочен со бројни препреки – од моментот кога ќе се обидат да избегаат од земјата која им била татковина, до моментот на нивното прифаќање од друга држава. Освен апелите за нивно прифаќање без предрасуди и говор на омраза, невладините организации и експертите на оваа тема препорачуваат Законот за меѓународна и привремена заштита во земјава целосно да се синхронизира со директивите на ЕУ, бидејќи сè останато може да доведе до сериозни повреди на правата на барателите на азил и на бегалците.

Автор: Борјан Гаговски

Сторијата е изработена во рамките на менторската програма за млади новинари на Младинскиот Образовен Форум во партнерство со УНХЦР, Агенцијата на ОН за бегалци, со поддршка од Миграцискиот повеќепартнерски доверителски фонд.  Содржината создадена во рамките на активноста не нужно ги отсликува ставовите на Фондот, УНХЦР и партнерските организации на ООН.