[Став] Зошто на младите во Македонија демократијата им е претставена на погрешен начин?

Пишува: Даница Среткоска, средношколка

Денес се одбележува меѓународниот ден на демократијата ширум светот, во секоја држава на различен начин, под различно мото.

Сметам дека, “демократијата” е функционирањето на внатрешното владеење во државата, односот на власта кон народот, односно, она што го гледаме преку текот целата година, не само на овој ден.

Демократијата како општествено-државно уредување се појавува уште во средниот век (по пропаѓањето на Римското Царство) позната како античка демократија која во тоа време била позната како “директна демократија” во која сите граѓани имале право да зборуваат и гласаат на посебни седници.

Денес, демократијата е модифицирана, и означува облик на државно уредување во кој суверената власт му припаѓа на народот (систем на народно владеење); почитување на еднаквоста и на слободното учество во општествено-политичкиот живот; слобода воопшто, отсуство на принуда, на ограничување.

Но, во Македонија, демократијата не функционира правилно, и на младите во Македонија истата им е претставена на погрешен начин.

Поголемиот дел од младите имаат погрешна претстава за демократијата, бидејќи заклучуваат дека она што го гледаат, она што им се нуди како опција, претставува демократија, но, всушност тоа е само искривена слика за поимот демократија.

Демократија не претставува наметнување и наметнато прифаќање на туѓото мислење, не почит кон туѓите одлуки, наметнат став, ограничување и делумно исклучување на младите од општествено-политичкиот живот.

Општо земено, поимот демократија е истоветен со зборот слобода, а човекот не стои таму каде што нема слобода, и токму затоа поголем процент од младите се иселуваат од Македонија бидејќи има недостиг, отсуство на демократија во нашата држава.

Демократијата тука е претставена како “едно исто мислење во повеќе глави” кои не се истомисленици, но, го делат (наметнатото, демек) исто мислење, не почит на законот, забрана на паметните да мислат, зборуваат, и да го искажуваат своето мислење, неприфаќање на еднаквост, прекршена слобода, а третирањето на народот како апстрактна именка (кога станува збор за решавање на проблемите) е симбол за демократијата во Македонија.

Со ваквата (божем) демократија во Македонија, дојдов до заклучок дека народот не е свесен дека самиот тој народ треба да биде власта во една демократска држава, во која постојат овластени лица да ја претставуваат волјата на народот (така наречена власт), а не народот да ја исполнува волјата на власта која е дојдена да “владее” со народот. Накратко, народот треба да владее со власта во една држава, а не власта со народот…

Младите треба да се охрабрат почесто да ги искажуваат своите мислења, ставови кон одредени теми, затоа што така постепено ќе се навикнат на вистинска демократија која треба да постои, а можеби, токму тие на правилен начин ќе ја претстават истата пред македонската публика.

Тие се должни да го сменат начинот на владеење на “демократијата” кај нас, со цел да си ја вратат слободата која ја заслужуваат и да не мора да ја бараат по вратите на туѓите татковини, можејќи да си ја пронајдат во својата родна земја.

Што повеќе млади се вклучат во процесот на демократизација на Македонија (во потполна смисла на зборот), толку побрзо ќе имаме демократска држава.