Ако не се казнат луѓето кои ме нападнаа ќе поставам шатор во Владата за да бидам безбеден, вели ЛГБТИ активистот Асани

ЛГБТИ активистот Беким Асани на денешната прес конференција што се одржа пред Владата ги повика институциите итно да постапат кон идентификување на одговорните за физичките напади на кои беше жртва во последниот период.

Во најавата за денешното излегување Асани пишува дека сега освен што не се чувствува безбедно во родниот град Тетово, веќе не се чувствувал безбеден ни во Скопје, ниту дома, ниту на работа.

Тој за Радио МОФ објаснува дека во последните неколку месеци бил жртва на три хомофобични напади, од кои два беа изминатиот месец. Тој вели дека непостапувањето за нападите од страна на институциите, односно како што посочи, полицијата и обвинителството, го принудило денес да излезе и јавно да се обрати кон медиумите пред седиштето на извршната власт.

„Пред сè на мене ми е одземено правото на слободно движење, ова е психичка и физичка тортура, затоа што никој не заслужува да биде тепан при излегување на улица. Очекувам дека конечно, конечно ќе идентификуваат некој одговорен за истото“, изјави Асани.

Активистот укажува дека иако биле поднесени видео материјали како докази за еден од нападите врз него кој се случил во Струмица, на кои, како што вели Асани, напаѓачот може да се препознае, одговорот кој го добил од полицијата гласел дека ќе се работи на решавање на случајот.

„Дел од луѓето во Струмица го препознаваат напаѓачот, истиот тој следниот ден физички нападнал уште две лица од заедницата, а за нападот од Скопје, се надевам дека полицијата ќе успее да ги обезбеди снимките од околните објекти“, вели Асани.

Тој најави дека доколку наскоро не се постапи по случајот, во знак на протест ќе кампува пред Владата.

„Ако за една недела не се добие нешто конкретно, јас ќе морам да поставам шатор внатре во Владата за да бидам безбеден“, порача активистот.

Минатиот месец непосредно по нападот Националната мрежа против хомофобија и трансфобија го осуди физичкиот напад врз Асани во Струмица и побара од надлежните институции итно да го потврдат идентитетот и санкционираат сторителот на делото.

Претходно, во мај Асани беше вербално и физички нападнат и во Тетово, по што Мрежата реагираше и побара постапување од институциите.

Ангела Бошкоска