Нападнат претседателот на „ЛГБТИ Јунајтед“, Беким Асани, НМХТ бара итно санкционирање на сторителите

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) остро го осуди физичкиот напад врз претседателот на „ЛГБТИ Јунајтед“, Беким Асани и бара од надлежните институции итно да ги пронајдат и санкционираат сторителите на ова дело од омраза.

Според сведоштвото на Асани, нападот се случил на 7 мај, на градските гробишта во Тетово, каде тој бил со својата мајка.

Четири машки лица на возраст од 20 до 40 години кои седеле на клупа му дофрлувале на Беким „педер“, „неверник“, „многу зборуваш со устата“, „ќе гориш во пеколот“. Потоа еден од нив го нападнал со бокс во лицето, по што Беким паднал на земја, а напаѓачот продолжил да го удира со клоци по стомакот и нозете.

Случајот е пријавен во полиција. На Беким му била укажана лекарска помош во Клиничкиот центар во Тетово, му била препишана терапија и бил пуштен на домашно лекување.

„Имајќи предвид дека кривичните дела од омраза кон припадници на ЛГБТИ заедницата ретко добиваатправен епилог, инсистираме на итно и темелно постапување од страна на органите на прогон и целосно счистување на овој случај“, велат од Мрежата.

Оттаму дополнуваат дека треба да се има предвид дека игнорирањето на говорот и делата од омраза кон ЛГБТИ лицата и неказнивоста на сторителите на овие дела, води до продлабочување на недовербата во институциите, поради што многу вакви напади воопшто не се ни пријавуваат.

Од НМХТ апелираат институциите еднакво да ги третираат сите граѓани во државата и да престанат да придонесуваат кон јакнење на дискриминацијата и насилството на кое се подложени сексуалните и родовите малцинства.