„Има ли предрасуди во (не)постапувањето на обвинителството“ – протест пред ОЈО во понеделник

Националната мрежа против хомофобија и трансфобија (НМХТ) во понеделник во 11 часот организира протест и прес-конференција пред Основното јавно обвинителство (ОЈО) за нападите врз ЛГБТИ активисти.

Оттаму велат дека цели седум години по насилничкиот упад во Дамар за време на роденденот на ЛГБТИ Центарот за поддршка, Јавното обвинителство доставило, како што велат, срамен одговор на поднесената кривична пријава, наведувајќи дека не располагале со технологија за распознавање на лицата кои се снимени како го вршат нападот.

„Девет години по нападот врз ЛГБТИ Центарот во Старата скопска чаршија, сѐ уште немаме никаков одговор од обвинителството. Нема никаков одговор и за три други напади насочени кон ЛГБТИ заедницата, а мотивирани од предрасуди, нетрпеливост и омраза. Овој дрзок и непрофесионален однос од институција која би требало да обрнува посебно внимание на злосторствата извршени од омраза, нѐ остава со неизбежното прашање – не дали, туку кого штити обвинителството? Дали има одредени групи и поединци за кои не смее да се постапува? И дали има одредени групи, како што се социјално маргинализираните, ЛГБТИ лицата или жените-жртви на сексуално насилство, кои практично немаат никаква заштита од обвинителството и честопати се подложени на двојна виктимизација токму од страна на институциите“, прашуваат тие.

Дополнително, тие велат дека заклучокот од, како што велат (не)постапувањето е дека Јавното обвинителство има разбирање за насилниците, а не и за жртвите.

„Дека ова тврдење не е претерано, говорат и други случаи кои периодов се актуелни во јавноста, а се поврзани со гонење на сторители на сообраќајни несреќи со смртен исход, случаите на насилство врз жени, како и случајот на сексуално возмнемирување на жени ‘Јавна соба’ и т.н. ‘Ромска јавна соба’. Кривичните дела, пак, поврзани со говор на омраза, практично не ни постојат во делокругот на обвинителството, и покрај законската обврска за нивно процесирање“, додаваат тие.

Ова не е прва реакција на граѓанските организации за работата на обвинителството, велат од Мрежата, но, додаваат дека со оглед на немањето слух и отсуството на промени во дејствувањето, нема да биде ни последна.

„Сметаме дека недовербата на граѓаните во системот и вкупната состојба со владеењето на правото, во голем дел се должи токму на потфрлувањето на обвинителските органи да ја извршуваат својата надлежност доследно и професионално“, велат од НМХТ.

Тие го повикаа Советот на јавни обвинители поригорозно да ја следи работата на јавните обвинители и да биде, како што велат,  поактивен во утврдувањето на нестручно и несовесно вршење на функцијата.

Според Мрежата, обвинителството е клучна алка во системот и велат дека без коренити промени во овој дел, залудни се надежите за поширока општествена промена која ќе значи еднаквост на сите граѓани пред законите и еднаков третман на сите луѓе во општеството.