Унгарија забрани „промовирање“ на хомосексуалност меѓу малолетниците

Унгарскиот парламент усвои закон со кој се забранува „промовирање“ на хомосексуалност меѓу малолетниците, додека Владата на Виктор Орбан воведува се повеќе ограничувања за ЛГБТ лицата, пренесува „Н1“.

Законот доби поддршка од 157 пратеници, вклучително и од членови на владејачката партија Фидес, а опозицијата го бојкотираше гласањето.

„Порнографијата и содржините кои претставуваат сексуалност или промовираат отстапување од родовиот идентитет, промена на полот и хомосексуалноста не смеат да бидат достапни за деца под 18-годишна возраст“, стои во документот, чија цел е „заштита на правата на децата“.

Во пракса, повеќе нема да бидат одобрени едукативните програми или реклами во знак на солидарност со сексуалните и родовите малцинства, како што беше таа на компанијата „Кока-Кола“ во 2019 година со геј двојка, која предизвика повици за бојкот на нивните производи.

Истото ќе важи и за книгите, сериите и филмовите како „Пријатели“, „Бриџит Џонс“, „Хари Потер“, во кои се споменува хомосексуалноста, предупредуваат невладините организации.

Пред два дена пак, илјадници луѓе протестираа во главниот град Будимпешта поради „постојаната пропаганда“ на Владата против ЛГБТ заедницата.