Илјадници граѓани на протест во Будимпешта поради образовните политики и инфлацијата

Неколку десетици илјади Унгарци, меѓу нив и наставници и ученици со нивните родители, маршираа низ Будимпешта во протест против владата на премиерот Виктор Орбан, барајќи поголеми плати за наставниците, образовни реформи и справување со растечката инфлација, пренесе Ројтерс.

Граѓаните, движејќи се по мостот преку Дунав, носеа транспаренти со натписи како: „Орбан, губи се!“ и „Нема наставници, нема иднина“ неколку часа откако премиерот се обврза дека ќе ја сочуваат економската стабилност и ќе го задржат огранучувањето на цената за струјата на домаќинствата.

Се работи за последниот во низата анти-владини протести, на кој учесниците порачаа дека унгарската влада ги оставила наставниците на цедило, со тоа што им дава мизерни плати за време на инфлацијата, која во септември надмина 20 проценти и продолжува да расте.

„Овде сум поради моите деца. Потребна е промена. Оваа незадржлива инфлација… не можеме веќе да штедиме, едноставно не можеме да врземе крај со крај додека цените растат“, изјавил поштарот Гонџи Берецки, кој на протестите присуствувал за прв пат.

Наставниците и учениците протестираат за поголеми плати, за решавање на проблемите со се` поголемиот недостаток на наставници, како и за правото на штрајк.