Унгарија забранува „промовирање“ на хомосексуалноста во близина на црквите и училиштата

Унгарската влада соопшти дека одредбите од спорниот закон против хомосексуалноста ќе се применуваат околу црквите и училиштата. Законот против педофилија кој беше усвоен во јуни, првично имаше за цел да ги заостри казните за злоупотреба на деца, но потоа беа додадени и измени со кои се забранува промовирање хомосексуалност на малолетници, пренесува „Н1“.

Владиниот декрет со кој се утврдува начинот на примена на законот ќе забрани „прикажување или презентирање“ на производи што „изразуваат хомосексуалност“ или претставуваат „отстапување од идентитетот при раѓање“. Продажбата на такви производи ќе биде забранета во радиус од 200 метри од црквите, училиштата и установите за згрижување деца, наведе унгарската влада.

Инаку, таквите производи ќе треба да се продаваат во запечатени пакувања.

Законот предизвика тензии меѓу Унгарија и Европската Унија.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен законот го нарече „срамен“, а ЕУ покрена постапка против Унгарија поради кршење на правилата на ЕУ.

Експертите веруваат дека законот е дел од националистичкиот план на премиерот Виктор Орбан да ја претвори Унгарија во „нелиберална“ земја, базирана на конзервативни христијански вредности.