„Слободен Хонг Конг“ и „Далај Лама“ – Будимпешта преименува улици за да спречи отворање кинески универзитет  

Будимпешта промени имиња на неколку улици околу локацијата каде се планира отворање на нови кинески универзитет, како протест на локалната власт против непопуларниот проект кој го форсира унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Четирите околни улици се преименувани во: „Слобода за Хонг Конг“, „Ујгурски маченици“, „Далај Чама“ и „Свештеник Џи Шунџунаг“, имиња кои очигледно се насочени да ги разлутат кинеските власти.

„Се надеваме дека овој проект нема да се случи, но доколку се случи, тогаш ќе мора да ги трпат овие имиња“, изјави градоначалникот на Будимпешта, Гергели Карашони.

Во моментов напуштената локација е место каде до 2024 година треба да се изгради првиот европски кампус на Универзитетот Фидан, кој треба да се протега на 500 илјади метри квадратни. Договорот е постигнат меѓу унгарската влада и претседателот на универзитетот со седиште во Шангај.

Сепак овој проект предизвика голем револт поради дипломатското пренасочување на Унгарија од Запад кон Исток и нејзиното растечко задолжување во Кина. Според протечените владини документи проектот треба да чини 1,5 милијарди евра, а ќе биде финансиран преку кинески кредит за унгарските власти. Анкетите покажуваат дека мнозинството граѓани на Будимпешта се против ваквиот план.

„Не сакаме елитен и приватен Универзитет Фудан овде кој ќе го платат унгарските граѓани“, додава Карашони.

Либералниот градоначалник и претходно го има критикувано кинеското „купување на влијание“ во земјата и го повика Орбан да го одржи даденото ветување дека нема да форсира проекти против волјата на локалната власт во главниот град.

Централната влада пак тврди дека престижниот универзитет ќе овозможи илјадници Унгарци, Кинези и други меѓународни студенти да добијат високо-квалитетно образование.