Антивладини демонстранти блокираа мост во Будимпешта поради промени на даночниот закон

Антивладини демонстранти денеска го блокираа еден од главните мостови во Будимпешта за време на утринскиот шпиц, што е последен во речиси еднонеделната серија протести против неодамнешните промени во даночниот закон во земјата.

Демонстрантите, воглавно доставувачи на храна на велосипеди и мотоцикли, го блокираа сообраќајот во двата правци на еден од главните мостови на Дунав во Будимпешта.

Многу од демонстрантите се независни претприемачи погодени од промените усвоени во унгарскиот парламент минатата недела, за кои веруваат дека ќе резултираат со големо зголемување на даноците или губење на работни места.

Бранот демонстрации станува се повеќе антивладин откако започна на 12 јули. Оттогаш, речиси секоја вечер, илјадници демонстранти излегуваат во центарот на Будимпешта, блокирајќи ги улиците и главните раскрсници, барајќи законот да се повлече.

Унгарската владејачка партија Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, го искористи своето мнозинство во парламентот минатата недела за да ги усвои промените на популарниот даночен план познат како „КАТА“. Планот им овозможува на малите фирми и фриленсерите како што се доставувачите да плаќаат низок паушален данок.

Законот кој стапува на сила на 1 септември ќе влијае на мнозинството од околу 450.000 вработени кои го користат овој план.

Организаторите кои се спонтано формирана група на курири за достава побараа од опозициските партии да не се појавуваат на демонстрациите. Тие најавија протести и за вторник и среда, а дополнителни протести се планирани во Сегед и Њиреѓхаза.