Во Будимпешта подигната статуа на мистериозниот творец на биткоинот Сатоши Накамото

Во главниот град на Унгарија, Будимпешта беше откриена статуа на анонимниот творец на биткоинот. Креаторите на статуата велат дека ова е прва ваква статуа во светот со која се оддава почит кон мистериозниот творец на криптовалутите Сатоши Накамото, псевдоним за пронаоѓачот или пронаоѓачите на биткоинот, чиј идентитет е непознат, јавува „Евроњуз“.

Скулптурата беше откриена во технолошки парк во унгарската престолнина, каде што се наоѓа и споменикот на основачот на „Епл“ Стив Џобс.

„Сметаме дека Сатоши е основач на целата индустрија за криптовалути. Тој го создаде биткоинот, тој ја создаде блокчејн технологијата, тој е бог на нашиот пазар“, рече Андрас Гиорфи, новинар кој го следи биткоинот и иницијатор на проектот за статуата.

Инаку, на статуата на Накамото е прикажано обично лице, завиткано во бронзена качулка обележана со логото на биткоинот. Исто така, статуата е исполирана за да биде рефлективна како огледало.