Промена во кодот може да го намали трошењето струја од биткоинот за 99%, тврдат еко-акстивисти

„Копањето“ биткоини веќе троши енергија колку цела Шведска, покажуваат некои истражувања, а растечката популарност на оваа криптовалута ги ревитализира компаниите за производство на фосилни горива во САД. Сепак, ова може да се промени со едноставна промена во начинот на кој биткоинот е програмиран, тврдат еко-активисти.

Тие започнаа кампања наречена „Променете го кодот, не климата“ координирана од Гринпис САД, Групата за еколошка работа и неколку граѓански организации кои се борат против складиштата за рударење биткоини во нивните заедници. Тие повикуваат биткоинот да го промени начинот на кој оваа криптовалута се рудари со цел да се спречи големиот јаглероден отпечаток.

Програмскиот код кој го користи биткоинот, познат како „доказ за работа“ (proof of work), бара користење на огромен број компјутерски операции за да се потврдат и обезбедат трансакциите. Овој код е начин на кој се проверува дали „рударот“ ги решил комплексните криптографски загатки кои се потребни за да се добие криптовалутата.

Конкурентската криптовалута етериум се префрла на друг систем – „доказ за влог“ (proof of stake), за кој се верува дека ќе го намали користењето на енергија за 99%. Во овој систем, „рударите“ ги заложуваат своите криптовалути за потврдување на трансакциите.

Со тоа што цената и користењето на криптовалутите расте, организаторите на кампањата валат дека биткоинот мора да се префрли на овој систем, или да најде друг метод кој ќе биде помалку енергетски интензивен.

„Ова е голем проблем. Делумно поради тоа каде оваа индустрија се наоѓа во моментов, но и наша загриженост за нејзиниот раст“, вели Мајкл Брун, директорот на кампањата.

САД во моментов го предводи светот според рударењето криптовалути откако Кина започна со рестрикции врз нивното рударење и трговија од мај минатата година.

„Термоцентралите на јаглен кои беа мртви, или требаа да затворат, сега повторно се оживеани и целосно се посветени на копањето биткоини. Централите на гас, кои стануваа економски се` понеконкурентни сега се префрлаат на рударење биткоини. Ова го гледаме низ целата држава. Особено е болно да се гледа како ова се случува во секторот за производство на електрична енергија, што е сектор каде САД направи најголем прогрес изминатава деценија. Нема шанси да ги достигнеме нашите климатски цели доколку ги оживуваме централите на фосилни горива“, објаснува Брун.

„Замислете Саудијците кои седат на толку многу нафта, која чини околу половина цент за киловат/час. Ниту еден обновлив енергенс не може да се спореди со таа цена. „Копањето“ биткоини може да биде бесконечен мотор за монетизирање на фосилните горива. Тоа би било кошмар“, заклучува Ларсен.

Кампањата започнува со дигитални реклами во Вол Стрит Журнал, Њујорк Тајмс, Политико, Маркетвоч, Фејсбук и други публикации. Организаторите истовремено ќе ги повикаат нивните многубројни членови да извршат притисок врз најголемите биткоин инвеститори и инфлуенсери да повикаат на промена на програмскиот код.