Неизвесно одржувањето на белградскиот „Европрајд“ откако Вучиќ најави откажување на парадата

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ најави дека во договор со поголемиот дел од Владата и премиерката Ана Брнабиќ, ќе биде откажан или „одложен“ „Европрајд“-от, кој беше најавен за во септември.

Според претседателот, „“Европрајдот“ не може да се одржи во политичката ситуација во која се наоѓа Србија, пренесува „Н1“.

„Премиерката и Владата ќе објаснат според кој закон е откажана Парадата на гордоста, или како и да се вика тоа“, изјави Вучиќ на прес-конференција, додавајќи дека нема да навлегува во тоа колку лаги биле пласирани околу парадата и колку семејни прошетки, односно контра протести биле најавени.

Според зборовите на претседателот, причина биле и граѓаните кои искрено веруваат дека станува збор за „големо зло“.

„Го загрозуваме правото на малцинствата, но во овој момент државата е притисната од многу проблеми – суша, обезбедување, има доста кризи. Едноставно, не е во прашање дали тие се посилни, едноставно во еден момент не можете сè да постигнете и тоа е тоа. Во некое друго, малку посреќно време, кога ќе има помалку лаги…“, истакна Вучиќ.

Тој порача дека треба да се засрамат сите оние кои го споредуваат „Европрајд“-от со ситуацијата на Косово.

„Мене тие манифестации никогаш не ми се допаѓале, ама како нормален граѓанин – не ми е гајле, тој еден ден ќе гледам фудбал, кошарка или ќе читам книга. И тие луѓе се наши браќа, сестри, наши родители, па само правете се дека не гледате“, изјави Вучиќ.

„ЕвроПрајд“-от е најголемиот ЛГБТИ+ настан преку кој се одржува Парадата на гордоста на континентот Европа, а секоја година различен европски град е домаќин на настанот.

Парадата на гордоста „Еуропрајд“ беше најавена дека ќе се одржи во Белград во средината на септември, односно од 12 до 18 септември. Европската манифестација требаше за прв пат да се одржи на Балканот, а организаторите најавуваа околу 15.000 туристи и посетители.

Марко Михаиловиќ, активист од „Белград Прајд“, на својот твитер профил објави дека „Европрајдот“ не може да се откаже.

 

Асоцијацијата на организатори на европските паради на гордоста (ЕПОА), кои ја поседуваат лиценцата на „Еуропрајд“ му одговорија на српскиот претседател дека Владата не може легално да го откаже настанот, ветувајќи дека „Европрајд“ ќе се одржи покрај одлуката на државата.

„Правото на одржување на Парадата е изгласано на Европскиот суд за човекови права како фундаментално човеково право. Секој обид да се забрани Парадата е прекршување на членовите 11, 13 и 14 од Европската конвенција за човекови права, а истата е признаена од Србија, како членка на Советот на Европа“, изјавиле оттаму.