Порака со омраза испишана на „Прајд инфо центарот“ во Белград во пресрет на „Европрајдот“

Невладината организација „Цивил рајтс дифендерс“ (ЦРД) денеска објави дека на „Прајд инфо центарот“ во Белград е испишана порака со омраза, јавува Радио Слободна Европа.

Како што може да се види на фотографијата која ЦРД ја објави на Твитер, на влезот, односно на стаклата од „Прајд инфо центарот“ испишана е навредлива порака за ЛГБТИ+ популацијата, заедно со пораката дека треба да се запрат.

„Ова е 15-ти пат тој центар да биде нападнат во претходните три години. Ова ја докажува важноста од одржување на „Европрајдот“ во Белград, што ќе ги истакне важните прашања со кои се соочува ЛГБТИ+ заедницата во земјата и регионот“, напишаа од ЦРД во објавата.

Од 12 до 18 септември, главниот град на Србија ќе биде домаќин на најзначајниот европски настан за ЛГБТИ+ заедницата. Неделата на гордоста и „Европрајдот“ ќе бидат одбележани со голема европска парада на гордоста, која е закажана за 17 септември.

Сепак, еден месец пред „Европрајдот“ во Белград, десничарските парламентарни партии, некои претставници на Српската православна црква (СПЦ) и неформални здруженија на граѓани бараат забрана на оваа меѓународна ЛГБТИ+ манифестација.

Српскиот медиум Данас наведува дека „Европрајдот“ во Белград наишол на многу противници, вклучително и на градоначалникот на Белград Александар Шапиќ кој посочил дека нема да присуствува на неговото отворање. Во Белград претходно се одржала и литија против „Европрајдот“ на која присуствувале повеќе од 10.000 луѓе.