Конгресот на САД усвои закон кој ги штити истополовите бракови во целата земја

Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за заштита на истополовите бракови, што е голем чекор во децениската борба за признавање на таквите заедници во целата земја, пренесува Н1.

За законот, кој од сите 50 американски сојузни држави бара да ги признаат истополовите бракови, гласаа 258 членови на Претставничкиот дом, а против беа 169. Законот беше предложен од Демократската партија на претседателот на државата Џозеф Бајден, а го поддржаа и речиси 40 републиканци.

Се очекува Бајден веднаш да го потпише законот, што е олеснување за стотици илјади парови кои се венчаа по одлуката на Врховниот суд во 2015 година со која се легализираа истополовите бракови во САД.

Законот ги штити и заедниците од различни раси со тоа што бара од државите да ги признаат браковите без разлика на „пол, раса, етничка припадност или потекло“.

Горниот дом на американскиот Конгрес, Сенатот, го усвои законот минатата недела по повеќемесечни преговори, а го поддржаа 12 републикански сенатори.

Демократите се залагаат законот да биде усвоен од двата дома на Конгресот што е можно поскоро, по јунската одлука на Врховниот суд на САД со која се укина правото на абортус. Дел од таа пресуда беше мислењето на судијата Кларенс Томас, кој предложи да се разгледа законитоста на истополовите бракови.