Кубанците денеска на референдум гласаат за легализација на истополови бракови

Кубанците денеска на референдум ќе гласаат за легализација на истополови бракови и посвојување деца, дозволи за сурогат мајчинство и поголеми права за небиолошките родители, јавува Евроњуз.

Новиот семеен кодекс, промовиран од комунистичката влада на Куба, ќе претставува голема промена за земјата, каде што културата на мачизмот е силна, а ЛГБТИ заедницата беше отфрлена од властите во 60-тите и 70-тите години.

Повеќе од осум милиони Кубанци на возраст над 16 години се повикани да гласаат за овие прашања со „да“ или „не“ во услови на најтешка економска криза во земјата во последните 30 години.

Доколку се усвои новиот закон за семејство, тој би го заменил законот кој е во сила од 1975 година и бракот би го дефинирал како заедница на две лица, а не како заедница на маж и жена. Тоа би ја отворило и вратата за сурогат мајчинството, а истовремено ќе ги зајакне правата на децата, старите лица и лицата со инвалидитет.