[Став] Скриените облици на конверзионата терапија

Грација Атанасовска

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

Живееме во доба во која за сексуалноста и родот имаме повеќе знаење од кога било претходно. Иако тоа би требало да нè ослободи од предрасудите, митовите, и застарените, квази-научни мислења поврзани со нив, сведоци сме дека тие се сè уште многу присутни околу нас.

Такво е и мислењето за можна промена на сексуалната ориентација и родовиот идентитет, чијашто крајна инстанца е токму „конверзионата терапија“.

Што е „конверзиона терапија“?

Конверзиона терапија, нарекувана и репаративна или реориентациска терапија, подразбира различен тип на пракси кои имаат за цел да ја променат или поттиснат нехетеросексуалната ориентација или нехетеронормативниот родов идентитет на една личност. Таа почива на идејата дека сексуалноста и родот се избор или ментална болест, тренд, резултат на неправилен социјален развој, семејни проблеми, или пак заведување, „перење мозок“ од страна на друга личност. Главната премиса на конверзионата терапија е дека нехетеронормативните сексуални и родови идентитети можат да се „излечат“ и вратат „во нормала“.

Под конверзиона терапија се подразбираат мноштво пракси кои можат да имаат клиничка позадина, како на пример психоанализа, бихевиорална терапија и когнитивно бихевиорална терапија, хипноза, EMDR терапија, електроконвулзивна терапија, семејна и групна терапија, психолошко советување, и употреба на психофармациски средства.

Tаа може да продразбира и врснички, семејни или религиозни интервенции во кои спаѓа и верско советување, молитва, пост, егзорцизам, и друг тип на импровизирани (некогаш и преземени и модифицирани психотерапевтски) програми, со што настанува комбинација од различни пристапи на конверзионата терапија.

Каков е односот на светската стручна јавност кон конверзионата терапија?

Голем број светски, стручни и релевантни водечки институции кои се однесуваат на човековото физичко, ментално и емоционално здравје веќе пет децении ја отфрлаат идејата дека нехетеронормативните идентитети се болест и нешто што треба или може да се смени, и се категорично против конверзионата терапија сметајќи ја за неетичка и штетна. Еден пример е Европската асоцијација на психотерапевти (EAP – European Association for Psychotherapy), која се има произнесено со официјален став дека „сексуалната ориентација не може да биде сменета“ и дека ’причините’ за хетеросексуалноста и хомосексуалноста остануваат непознати.“

Оттаму, според нив, ниту еден „одговорен психотерапевт“ нема да се обиде да го преобрати својот клиент од хомосексуалност во хетеросексуалност. Тие додаваат и дека психотерапевтите мора да бидат внимателни кога се соочуваат со клиенти кои самите бараат конверзиона терапија, затоа што таквите барања честопати прикриваат други поттиснати проблеми.

Американската асоцијација на психолози (APA – American Psychological Association) во 2021 година се произнесе со официјален став кој ја осудува конверзионата терапија поврзана со родовиот идентитет: „Психолозите разбираат дека родот е небинарен конструкт којшто дозволува распон на родови идентитети и дека родовиот идентитет на една личност не мора да се совпадне со полот којшто е назначен по раѓањето.“ Надоврзувајќи се на СЗО (Светската здравствена организација), тие велат дека е неточно и несоодветно да се гледа на овие техники и пракси како на терапии или на третмани, бидејќи несовпаѓањето на полот и родот само по себе не е ментално нарушување.

Зошто е конверзионата терапија толку штетна?

Конверзионата терапија е неетичка и штетна пред сè затоа што манипулира со негативните чувства на срам и вина, немоќ, недоволност, безвредност, пониженост, осаменост и изолираност со кои се соочуваат огромен број на ЛГБТИ луѓе поради сè уште присутната општествена дискриминација. Она на што најмногу се потпира конверзионата терапија, и што капитализира, е токму искуството на неприфаќање, како што нагласува Ана Блажева – психтерапевтка, истражувачка и доцентка на Институтот за општествени науки и хуманитарни науки во Скопје.

Таа смета дека „искуството на неприфаќање“ е во основата на конверзионата терапија и дека тоа може да има „далекусежни последици по менталното здравје, затоа што директно се одразува врз сликата за себе на личноста и односот на светот кон нејзе.“

Ова искуство на неприфаќање е секогаш поврзано со, како што вели Блажева, некаков „ултиматум“ – „да се промениш за да заслужиш љубов, прифаќање и припаѓање“. Но, невозможноста за остварување на ултиматумот потоа раѓа недоверба во самата личност, ја руши сликата за себе, и создава еден циклус на „недоверба во светот и во другите“. Ефектот на ултиматум на крајот може да кулминира во „ситуација на континуирано отуѓување и болка, и во врска со себе и во врска со светот,“ објаснува Блажева.

Парадоксот на конверзионата терапија е што почива на дискурс кој вели дека има за цел да ѝ „помогне“ на ЛГБТИ личноста. Но, наместо да ѝ помогне да се прифати себеси каква што е, со својата нехетеросексуалност или нехетеронормативен родов идентитет како здрава варијација од спектарот на човечката сексуалност и род, таа „придонесува кон влошување на состојбата која може лесно да премине во депресивни и други посериозни психички нарушувања,“ заклучува Блажева.

Последиците од конверзионата терапија се многу сериозни. Од депресија, анксиозност, нарушувања на сликата за себе и губење на самодовербата, до ПТСД и самоубиство. Гневот, стравот, и промените во личноста се уште еден резултат на конверзиона терапија, слично како и намерното дистанцирање од блиски луѓе кои жртвите на конверзионата терапија често ги обвинуваат за тоа што го искусиле. Всушност, како што нагласува Николина Тодоровиќ, авторка од Босна која пишува за секојдневните матрици на конверзионата терапија, младите кои биле подложени на ваква „терапија,“ речиси без исклучок тоа го направиле под притисок на своите родители.

На овој елемент од конверзионата терапија се осврна и Лина Ќостарова Унковска, клинички психолог и основач на Центарот за психосоцијална и кризна акција во Скопје. Таа вели дека родителитe, во обид да се справат со информацијата дека нивното дете е ЛГБТИ, се информираат секаде и на секаков начин за да го променат тоа и „сеедно што ќе добијат, тие продолжуваат да инсистира да го водат детето на неверојатни места, за да го излечат, некогаш и по која било цена […].“ Тоа често води до целосно менување на односите во семејството и семејната динамика, а „[н]екогаш доаѓа до толку силни разлики, што тие предизвикуваат конфликти, поделба во табори меѓу најблиските, сè до раскинување на врските“ – исход од кој младите ЛГБТИ лица најмногу се плашат, заклучува Ќостарова Унковска.

Конверзионата терапија во Македонија

Во Македонија нема индикации за масовно организирана мрежа на институции и групи кои вршат конверзиона терапија, како што е случај во многу земји во странство (САД е еден сè уште многу актуелен пример).

Сепак, Снежана Врангалова, докторка по развојна психологија и сексолог, базирана во САД, во истражување на Коалиција Маргини од 2011 година лоцира јавни изблици во кои се заговара психотерапевтска конверзиона терапија во Македонија, и тоа во факултетскиот учебник по психологија „Психологија на возрасните и стареењето“ од Олга Мурџева-Шкариќ (2009), каде авторката повикува на „нужни превентивно-образовни програми за децата од преадолесцентната доба“ со цел спречување на развојот на хомосексуалноста и советува родителите да започнат со таков тип терапија „веднаш штом забележат“ несоодветни наклоности кај своето дете.

Коалиција Маргини своевремено поднела претставка за учебникот, според која потоа Комисијата за заштита од дискриминација утврдила дека спорната содржина треба да се отстрани, но не се знае дали таа навистина е отстранета. За жал, на веб страната на Филозофскиот факултет каде што е назначена програмата за Катедрата по психологија, спорниот учебник сè уште стои во препорачаната литература по предметот Психологија на возрасните и на стареењето (задолжителен предмет за студенти во 4-тиот семестар додипломски студии).

Каков однос и став имаат ЛГБТИ луѓето и нивните сојузници во однос на конверзионата терапија во Македонија?

За индивидуалните и колективни облици на конверзионата терапија во Македонија ретко отворено се зборува и тие се игнорираат, отфрлаат и прикриваат поради малиот интерес и истражување за темата. Тоа го прави нејзиното присуство во земјата дотолку поопасно.

Затоа, формирав прашалник чии главни таргет испитаници беа луѓе од ЛГБТИ заедницата, но и нивни сојузници, и добив иницијална слика за тоа колку сме запознаени со овој феномен, и колку од испитаниците минале низ такво искуство или познавале некој што минал.

Прашалникот го одговорија вкупно 66 лица, а најголем дел од нив знаеја што е тоа конверзиона терапија. Од нив 90.9% одговорија дека имаат слушнато за ЛГБТИ конверзиона терапија; а 81.7% се информирале за феноменот од Интернет.

74.2% од испитаниците беа со нехетеросексуална ориентација: бисексуалци, геј мажи, лезбејки, пансексуалци и асексуални.

По родовиот идентитет на испитаниците, доминираа цис-жени (57.6%), а потоа следеа цис-мажи, трансродови жени и трансродови мажи, небинарни и родово флуидни.

На прашањето дали некој од испитаниците бил или познава некој што бил во ситуација на конверзиона терапија потврдно одговорија 19.7%.

Од нив, 38%, одговорија дека таа била во облик на психотерапија (со психолог, психијатар, терапевт или лајф коуч). Религиозниот (верски) и семејниот контекст беа изедначени со 23%. Во 8% изведувачот на таквата терапија бил (поврзан со) матичниот лекар или пријателите.

Во поразителни 46% од случаите конверзионата терапија била поврзана со даватели на здравствени услуги (вклучително и психотерапевти). Тоа е значителна бројка на млади ЛГБТИ луѓе изложени на милоста и немилоста на лицата кои треба да се одговорни и стручни за нивното физичко и ментално/емоционално здравје.

Заклучокот од овој прашалник е дека облици на конверзиона терапија се присутни во Македонија најмногу во форма на некакво психолошко или верско советување и семеен притисок, а најголема вина за нејзино перпетуирање ја сносат стручните лица од здравствената фела, било да се тоа психотерапевти или лекари. Потоа следуваат и верските контексти, но и семејните коишто честопати се врзани или испреплетени со верскиот или здравствениот контекст.

Што може да се направи по ова прашање?

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

Поразителните проценти од прашалникот го прават прашањето на институционално изјаснување против каква било конверзиона терапија за ЛГБТИ лица уште понужно и позначајно во Македонија. Тоа го нагласува и Ќостарова Унковска која вели дека „[e]динствен начин вистински да се адресира прашањето на правата и слободите на изразување на ЛГБТИ+ лицата во С. Македонија е транспарентно заземање единствен и официјален став од страна на домашната научна и стручна јавност, пред сè преку нивните струковни асоцијации и комори.“

Исклучително важно е да постои и правна заштита за луѓето кои би можеле да бидат изложени на овој негативен феномен, преку донесување на закон што ќе ја дефинира и забрани оваа штетна пракса.

Последиците од конверзионата „терапија“ можат да бидат ужасно сериозни. Затоа, од огромно значење за родителите/старателите коишто го читаат текстов и размислуваат да го подложат своето дете на конверзиона терапија е да се советуваат со психотерапевти што се сензитивни за работа со ЛГБТИ луѓе, и кои ќе им помогнат да ги адресираат стравовите, дилемите и причините врзани со негативната перцепција за луѓето со нехетеросексуална ориентација. Психотерапевтите треба да им помогнат на ЛГБТИ лицата позитивно да ја афирмираат својата сексуалност, а на нивните семејства да ги валидираат и прифатат нивните деца.

Варијациите во сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се погрешни и болни, и не смеат да се присилуваат на хетеронормативност. Етички и кадарни психотерапевти никогаш нема да се обидат да ги одвратат своите клиенти од нивното постоење такви какви што се.

*Грација Атанасовска е книжевница и независна истражувачка. Има дипломирано на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а моментално ги завршува мастер студиите по книжевност и култура на Универзитетот во Потсдам, Германија. Се интересира за современа книжевност и култура, како и за прашања од областа на квир теоријата, феминизмот, левичарските и зелените политики.

**Текстот е инициран во рамки на проектот „Towards a More Resilient LGBTI Movement LGBTI Movement > Know More – Protect Better”, поддржан од ILGA Europe и реализиран од страна на Коалиција МАРГИНИ, а во партнерство со ЛГБТИ Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет за човекови права.

***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.