Кристина Ковач #PrirodnaŽena: Жени, девојки, да се здружиме!

Голем број жени од регионот под хаштазите #PrirodnaŽena #NaturalWoman #VolimPrirodnuŽenu, почнаа да објавуваат свои фотофрафии без шминка на социјалните мрежи, за да покажат дека жените не треба да се ценат по изгледот, а и да го кренат својот глас против наметнатите уверувања како треба да изгледа една жена. Акцијата почна од композиторката од Србија, Кристина Ковач, по написите за неа во неколку медиуми од регионот со критики за тоа како таа изгледа денес. Притоа Ковач ги повика сите на социјалните мрежи да се вклучат во акцијата.

Нејзината објава ја пренесуваме во целост:

„Повик за акција!

Како прво, сакам да ви се заблагодарам за огромната поддршка што доаѓа од целиот регион, и по вчерашната хистерија на медиумските портали што ја претворија мојата опуштена слика со ќерка ми од летен одмор во таблоидна сензација. И тоа каква!

„НЕПРЕПОЗНАТЛИВА!!! ПОРАНЕШНА УБАВИЦА, ДЕНЕС СЕДА ВО КОСАТА, СО БРЧКИ И СТАРЕЧКИ ПЕГИ!!!! НЕКОГАШНАТА ЗГОДНА БРИНЕТА ВИДНО ОСТАРЕЛА И ПРОПАДНАЛА!!!ПОРАНЕШНАТА ПЕЈАЧКА КРИСТИНА КОВАЧ ВЕЌЕ НЕ ЛИЧИ НА СЕБЕ, ПУШТИЛА БЕЛИ ВЛАКНА!!!

Она што не би очекувале откако ќе прочитате вакви наслови е да видите едноставна фотографија на која сум насмеана, среќна и опуштена, како ја држам раката на ќерка ми под работ на рамката и доловувам опуштен и среќен момент од нашиот заслужен и долгоочекуван летен годишен одмор.

Искрено, бев целосно запрепастен од насловите – не затоа што ми е гајле како изгледам, па ова ме навредува; не затоа што некои таблоиди таму ми ја расипуваат сликата (зарем веќе не ја уништија целосно со своите извртени и скапани текстови за моите животни потфати?), туку затоа што јас самата ништо од ова не сум видела, и никогаш не би видела на оваа фотографија, како ниту илјадници луѓе кои ме контактираа за да ми  дадат поддршка. Значи, трулежот е во окото/душата на набљудувачот.

И тоа не би претставувало некаков проблем, доколку овој трулеж не е во состојба да го обликува јавното мислење во Србија, Хрватска, Црна Гора, Македонија, Босна и Херцеговина … да не влијае на милиони жени, девојки и девојчиња низ целиот регион, засрамувајќи ги и понижувајќи ги ако не се „доволно средени“, доволно издепилирани, доволно обликувани, доволно офарбани… доволно вештачки.

Сите тие силни „одговорни и професионални“ медиуми, брутално и безмилосно го објективизираат секое женско суштество, прогласувајќи нè за безвредни ако не сме ја напумпале устата, не сме ја обоиле косата, не сме се нашминкале и не си го натртиле задникот за сликање.

Не. Јас не се согласувам. Во мое лично име, во име на ќерка ми, во име на сите жени на Балканот – НЕ СЕ СОГЛАСУВАМ!

Вредноста на една жена не лежи во тоа колку време и пари има или нема посветено на својот изглед, на хирурзи, козметичари, лични тренери, филтри на Инстаграм, ниту пак таа некогаш ќе лежи во ова, без разлика колку медиумите на регионот тоа го сакаат.

Вредноста на жената лежи во нејзината сила. Во нејзината интелигенција, амбиции, издржливост. Во нејзиното неоткажување. Во огромниот талент да сака и дава, во неверојатната способност да обезбеди утеха кога е најпотребно. Во нејзината храброст да помести планини, да ги тргне sвездите од небото заради своето дете, заради мажот, заради љубовта, заради сонот. Вредноста на жената е во нејзините таленти, нејзината интелигенција, снаодливост. Во посветеност на патот кон целите кон кои се стреми. Лежи во длабочините на душата, во нежноста која умее да ја пружи, но и во покажувањето на забите кога ги брани оние што ги сака.

Таму, драги медиуми, лежи вредноста на една и на сите нас, жените.

Она што решив да го направам во овој и ваков момент, по длабоко размислување, е да ја свртам оваа приказна за доброто на сите жени во регионот во кој живееме, да го свртам ножот назад кон самите медиуми кои безгрижно го вперија кон мене и сите други обични, опуштени, природни жени. И оние од 69, колку што би имала мајка ми денес, и оние од 46, колку што имам јас денес, и оние од 13, колку што има сега мојата Тара.

Време е да се каже НЕ.

Жени, девојки, да се обединиме во борбата за слобода и правото да бидеме токму такви какви што сме!

Да се ​​поддржуваме едни со други, објавувајќи ги своите фотографии во релаксирано издание на своите  профили на социјалните мрежи, под хаштагот #PrirodnaŽena. Дозволете ни да ставиме крај на упорната и бесрамна медиумска објективизација на жените и девојчињата, што се заканува целосно да ја деградира, не само положбата на жената во денешното општество, туку и целото општество и неговите вредности како такви.

Мажи, ако сте Мажи со голема М – поддржете ги своите жени, мајки, сестри, ќерки објавувајќи нивна фотографија во опуштено издание по сопствен избор, со хаштаг #VolimPrirodnuŽenu

Нека видат медиумите од регионот колку нè има и да не им попуштаме повеќе!“