Јубилејното издание на Танц Фест заврушува со „Мозаик“ на Мерзуки

Фестивалот Танц-Фест Скопје 2024, кој под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“ годинава го прославува јубилејот 20 години постоење, ја завршува програмата на 17 мај во 20 часот во Македонскиот народен театар со претстава „Мозаик“.

Како што информираат организаторите со оваа претстава ќе се означи и почетокот на серија настани за прославата на 50 години постоење на Францускиот институт во Скопје.

Тие додаваат дека претставата „Мозаик“ од кореографот Мурад Мерзуки е пресек на неговите најдобри остварувања и е програма која ќе биде премиерно изведена во Скопје за завршницата на фестивалската програма.

„Со оглед на тоа дека Интерарт културниот центар, од  оформувањето во 1996 година има тесна соработка со Францускиот институт, ова е прекрасна прилика да се спојат во еден миг двата значајни јубилеја. Интерарт културниот центар во 1996 година ја започна програмата ‘Недела на модерен балет’ во рамки на фестивалот Охридско лето, од кога и започнува соработката со Францускиот институт. Тоа е првата организирана презентација на европски современи танцови претстави во Македонија. Се радувам на двата јубилеја, многу ни значи соработката со Францускиот институт низ годиниве наназад, и му го честитаме овој голем јубилеј.“ – вели уметничката директорка Рисима Рисимкин.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ.

Фестивалот е поддржан и од неколку општествено одговорни компании.