UPSHIFT: Отворен нов повик за средношколци, за социјални иновации поврзани со климатските промени

Во рамки на програмата UPSHIFT се отвора нов повик за средношколци, овојпат посветен на социјални иновации поврзани со климатските промени на тема „Почва“.

UPSHIFT е програма за социјални иновации која се базира на решавање на потребите на средните училишта и локалната заедница во делот на климатските промени и заштита на животната средина.

Во рамките на овој циклус, тимовите составени од најмногу 5 средношколци треба да достават предлог решенија за проблеми поврзани со почвата вклучувајќи:

● Предизвици/проблеми и предлог решенија насочени кон намалување на емисиите на стакленички гасови кои произлегуваат од користење на почвата.
● Предизвици/проблеми и предлог решенија насочени кон намалување на токсичноста на почвата произлезена од отпадни води и/или индустриски активности.
● Предизвици/проблеми и предлог решенија насочени кон искористување на стакленичките гасови настанати со користење на почвата за други цели.
● Предизвици/проблеми и предлог решенија кои се насочени кон одговорно користење и третирање на почвата.

Секој циклус опфаќа 10 училишни тима од кои 5 се прогласуваат за победници и добиваат менторска и финансиска поддршка од 120 000 денари за реализирање на нивната социјална иновација.

„Доколку си средношколец кој има предлог решение насочено кон одговорно користење и третирање на почвата, формирај тим од 5 соученици, пополни го апликацискиот формулар за четвртиот UPSHIFT циклус и освој 120 000 ден за реализација на твоето решение“, се вели во повикот.

Во рамки на UPSHIFT програмата во 2022 година се одржани три циклуси на три различни теми и тоа: вода, воздух и енергија, со над 520 пријавени учесници од кои 150 биле избрани во финалната рунда од програмата односно, секој циклус вклучува избор на 10 тимови финалисти од кои понатаму се избираат 5
победнички тимови кои освојуваат 120 000 денари за реализација на нивните решенија.

Повеќе за UPSHIFT можете да прочитате на официјалната веб страна.

Моментално во тек е отворениот повик за поднесување на апликација за учество на четвртиот UPSHIFT циклус, кој ќе се одржи од 08 до 10 март, а крајниот рок за поднесување на апликација е 19 февруари.

Миа Драгниќ е средношколка од СУГС „Раде Јовчевски Корчагин“ и претходен учесник на UPSHIFT циклус воздух, дел од победнички тим. Таа денес работи на создавање иновативен систем за филтрација на воздух, наречен Хексам филтер кој ќе се поставува на прозорци, транспортни средства, фабрики и на отворено.

„Покрај практичното искуство кое верувам дека ќе ми користи во иднина особено ме мотивираше желбата да ја покренеме свеста за акција во склоп на еколошкиот клуб на нашето училиште во којшто членуваат сите претставници на нашиот тим. Верувам дека соработката со менторите како и самите контакти и можноста за вмрежување ќе ни помогнат да им доловиме на нашите соученици дека активната вклученост за заштитата на животната средина има голем број придобивки“, сподели Драгниќ.

Програмата UPSHIFT ја реализира Здружението Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) во рамки на проектот „Охрабрување на децата и младите во Северна Македонија да станат двигатели на промените за намалување на ранливоста на заедниците од климатските промени“ спроведуван од УНИЦЕФ со финансиска поддршка од Шведска и Фондот за иновации и технолошки развој на РСМ.