Леонардо Змајшек прогласен за најдобар говорник на Националното дебатно првенство

Леонардо Змајшек ја доби наградата за најдобар говорник, а беше дел и од победничкиот тим заедно со Лука Кадриќ и Анастасија Саша Тофовска кои го освоија првото место на Националното дебатно првенство кое изминативе два дена го одржа Младинскиот образовен форум (МОФ).

На првенството, кое се одржа под мотото „The big idea debate tournament!“, учествуваа околу 30 средношколци, кои дебатираа според World School форматот. На вчерашното финале се дебатираше на тезата „Овој Дом Верува Дека е оправдано за граѓанските движења да користат стратегии за дезинформирање во борбата против диктаторски режими“.

„Привилегија е да се има вакви награди на крајот од првенството и да се има вакви прекрасни дебатери како конкуренција. Можеби ќе имаше поголема конкуренција доколку се одржуваше во текот на школската година, но тоа не го менува фактот дека имавме многу квалитетни дебатери и дебати и едно многу убаво искуство кое мислам дека сите нас не надгради во ова поле“, рече Змајшек по прогласувањето на победниците.

Тој додава дека ваквите дебатни турнири се многу важни, бидејќи опфаќањето на важните прашања во општеството, преку слушање на двете страни низ конструктивен и сеопфатен начин, води кон поголема информираност на граѓаните и можност да оформат став.

За тоа како ја оценува генералната дебата во македонското општество, Змајшек вели дека треба има простор за подобрување.

„Сметам дека политичарите и јавните личности имаат свој стил на дебатирање. Малку е поспецифично да се оцени поради различниот формат, сите големи разлики, не секогаш се добива втората страна во приказната. Но, сметам дека секој, на својот стил, доста способно го прави тоа во јавноста, но искрено би поттикнал тоа се` повеќе да се стави на мерило и што повеќе да ги слушнеме тие мислења како се спротивставуваат едни на други. Тоа сметам дека постои, но не во доволно голема мера за да се изгради едно поквалитетно општество и да има поголема информираност меѓу граѓаните“, посочи тој.

Според Кристина Пеева, координаторка на дебатната програма на МОФ, на првенството имало одлични говорници и квалитетна дебата која поминала во натпреварувачки дух.

„Традиционално досега, МОФ е единствената организација која организира натпреварувачки турнири по дебата, на кои се квалификуваат деца кои подоцна ги праќаме на меѓународни турнири. Од наредната година дискутиравме да ги отвориме границите, кои најчесто се отворени за наши членови, но сметаме дека е подобро да воспоставиме соработка со училиштата и преку нивните училишни клубови да мотивираме се` повеќе млади да се вклучат во оваа програма“, рече Пеева.

Победниците на Националното дебатно првенство ќе ја претставуваат Северна Македонија на меѓународната дебатна академија IDEA Youth Forum која ќе се одржи во Љубљана.

Настанот беше организиран во склоп на проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.

Даниел Евросимоски