Од 9 април до крајот на учебната година „Џифони филмски денови“ во Кинотека

Во периодот од 9 април па сѐ до 11 јуни, секоја сабота од 10 часот, во Кинотеката на Северна Македонија ќе се одржува програмата „Џифони филмски денови“, во пресрет на овогодишното издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“.

Организаторите истакнуваат дека филмската програма во рамки на „Џифони филмски денови“ е наменета за учениците од скопските основни училишта и предвидува секоја сабота да се прикажува по еден европски игран филм наменет за младата публика, проследен со дискусија и средба со филмски автор или актер.

Заинтересираните ученици можат да се пријават на следниот линк.

„Филмовите опфаќаат теми што ја засегаат младата генерација. На првиот ден од манифестацијата ќе биде прикажан филмот ‘Патешествието на принцот’ кој успешно допира две важни теми: првата се однесува на предрасудите во општеството и стремежот да се пронајде место за креативност и слободна мисла, а втората тема се однесува на зачувувањето на животната средина“, велат од „Џифони“.

Оттаму дополнуваат дека гостинка на средбата ќе биде Леона Јариќ, добитничка на наградата ‘Green Competition’ во организација на Europe House, при што ќе го претстави своето најново остварување и ќе разговара со младата публика за тоа како започналa да снима филмови, а ќе се осврне и на освоената награда – професионална камера.

Потоа, на програмата ќе следува „Филмска училница“ – работилница која Кинотеката ја организира веќе трета година.

Работилницата која ќе се реализира под менторство на режисерката Марија Џиџева ќе биде фокусирана на поттикнивање на креативноста на младите кои сакаат да ја раскажат својата кратка приказна со аудиовизуелен јазик близок на новите генерации. „Филмската училница“ се организира под покровителство на Кинотеката на Северна Македонија, а во соработка со „Планет-М“ и „Џифони Македонија“.

Пријавувањето за „Филмската училница“ е достапно тука.

Филмовите што ќе произлезат од работилницата ќе бидат прикажани за време на 10. издание на „Џифони Македонија“ и заедно со филмовите направени на фестивалот ќе се натпреваруваат за главната награда – професионална камера.