Априлска програма во Кинотека

Од Кинотека ја објавија филмската програма за април во чии рамки ќе се прикажат документарни, ретро, кански победници и филмови кои се темел на светската кинематографија.

Од канскиот победник, филмот „Квадратот“ (2017) и „Кво вадис, Аида?“(2020), на програмата се јавува и филмот и „Носферату, симфонија на стравот“ (1922), кој годинава слави сто години од снимањето на филмот.

„Априлската програма ќе стартува со „Најубавото момче на светот“ (2021), документарен филм за шведскиот актер Бјорн Андресен. Тој го игра волшебно убавото момче Таџио, во кое е вљубен стариот композитор Густав фон Ашенбах. Oттогаш трае и сенката на несаканата слава на Андресен, со која се занимава документарецот на Линдстром и Петри“, велат од Кинотека.

Истовремено, по повод на 100 години од раѓањето на еден од најконтроверзните италијански и европски автори, Пјер Паоло Пазолини, ќе се одржи проекција на филмот „Медеја“, (1969) со оперската дива Марија Калас во нејзината единствена филмска улога.

„Од македонските класици дел од априлската програма ќе бидат два филма на Димитрие Османли, ‘Мирно лето’ (1961) и ‘Ангели на отпад’ (1995). На програмата се и два култни наслови- ‘Американскиот пријател’ (1977) на Вим Вендерс и ‘Лудиот Пјеро’ (1965) на Жан-Лик Годар.

Во рамки на априлската програма е проекцијата и на „Бесконечна поезија“ на Алехандро Ходоровски – чилеанскиот автор со култен статус меѓу филмофилите, како и „оскаровскиот“ „Синот на Саул“ (2015) на унгарскиот режисер Ласло Немеш.

„Во Кинотека ќе се прикаже и „Кво вадис, Аида?“ (2020) на босанскохерцеговската авторка Јасмила Жбаниќ, како и неколку филмови од поновата европска продукција кои, сигурни сме, ќе го привлечат вашето внимание“, велат оттаму.

Целата филмска програма за април е достапна тука.