[Фото] Протест пред маркетот „Веро“: Доста бевме робови на газдите

„Нема да ви помине“, „Работнички права“, „Нема правда, нема мир“, „Нелуѓе“… Ова се дел од извиците на членови од Левица и граѓани што денеска ги упатија пред маркетот „Веро 5“ кај АМСМ. Дел од насобраните носеа црвени знамиња, други транспаренти со „Силата е во солидарноста“ и „Доста бевме робови на газдите“. Беа делени и флаери на минувачите, а улицата пред маркетот блокирана.

Целта беше да се даде поддршка на работничката Кети Лешко, која тврди дека е неправедно и незаконски отпуштена од работа од „Веро“, додека била на боледување поради болест на своето малолетно дете.

„Газдите на ‘Веро’ и шефовите си дозволија да се поставуваат над законите. Да даваат отказ за време на користење на боледување. Бараме од ‘Веро’ под итно да ја вратат работничката на работа и да не ги прекршуваат работничките права во иднина. Бараме од трудовиот инспекторат да постапува согласно закон“, рече Здравко Савески од Левица.

Тој пред присутните праша „зошто синдикатите не се тргнат од фотелјите и не дојдат на протест“.

Според Савески, случајот на оваа работничка е типичен за Република Македонија. Многу работници страдаат, вели тој, и притоа не можат да си го вадат лебот од газдите.

„Според нашите сознанија, практиката да ги отпуштаат работниците без отказен рок, само со усно соопштение ‘од утре не се појавувај на работа’ е континуирана практика на ‘Веро’.  Тоа под итно мора да престане. Ќе протестираме во сите вакви ситуации. Во овој момент работничката нема добиено отказно решение, а мора да го добие согласно Законот за работни односи и за да има шанса да поднесе приговор“, рече тој, напоменувајќи дека законот забранува откази за време на боледување, поради лична болест или поради нега на дете, или член на семејство.

Флаерите кои беа делени по минувачите

Кети Лешко за Радио МОФ веќе нагласи дека детето првично имало утврдено туберкулоза. Според неа, навремено известила за тековната ситуација и за нејзино боледување препорачано од матичен лекар. Меѓутоа, вели таа, со тековните испитувања се појавиле и други работи кои требале да се обработат и преиспитаат кај детето, па операцијата закажана за 4 јануари се одложила. Пред отказот, дополнува, добивала и притисоци и закани.

„Отказот го добив усмено на 5 јануари. Отидов на своето работно место, после моето боледување и усно ми беше кажано ‘Што бараш ти овде?’. Реков, дојдов на работа, нели, како што е ред, после боледување да се пријавам. Добив одговор дека немам образ, како лажов за дијагнозата на моето дете да бидам присутна на работа“, вели таа.

Кети Лешко (десно) пред новинарите покажува документација и дијагнози за детето

Лешко тврди дека не е мајка која детето го вложува за да добива поени на работното место, или за да ја задржат од сожалување.

„Имав година и еден месец (за време на работата во маркетот н.з.) за да го направам тоа, меѓутоа како родител не би посакувала на никој вакво нешто. Моето дете е горе, на операција…“, нагласи Лешко.

Присутните на протестот нагласија дека ова е предупредувачки протест. Најавија дополнителни собири доколку законот не биде испочитуван и барањата за враќања на работничката не бидат исполнети.

Радио МОФ уште пред два дена контактираше преку мејл и телефон со „Веро“. Чекаме одговори на нашите прашања.

Бојан Шашевски